Сите – назад!

by Фокус

Пишува
Синоличка ТРПКОВА

Народот може сега мирно да спие! Во сигурни раце е. Власта ни рече дека последниве избори биле најмирни досега, но тоа не нѐ изненади. Немаше потреба дури ни од посматрачи зашто во малава оаза на мирот отсекогаш сме се гордееле со своите кротки и мирољубиви граѓани, кои мудро знаеле да го сочуваат мирот и разумот и во многу потешки ситуации.

Најважно од сѐ беше да се преживее и да се спаси глава од клетиот непријател – опозицијата, што веќе осум години го малтретира народот. Таа тоа го правеше и кога беше власт, но како опозиција беше неподнослива.

И рака на срце, власта жестоко нѐ бранеше од неа и направи сѐ, „согласно законот“: ја гонеше, ја туркаше, ја тепаше, ја тужеше, ја затвораше и осум години детално го известуваше народот, од утро до вечер, за сите опасности што го демнат од неа. И, еве, сега без неа, народот си спие мирно, како фетус во утробата на мајката-партија.

КОНЕЧНО, НЕМАМЕ ВЕЌЕ ОПОЗИЦИЈА!

Задоволство блика од сите страни! Насмеани и весели граѓани отпоздравуваат на улица. Конечно немаме веќе опозиција! Нема веќе кој да саботира, да нѐ мами, да нѐ лаже, да го злоупотребува нашето скапоцено време и да внесува немир во домовите и во семејствата. Сега ќе може на раат да се работи, да се гради, да се преродува, да се реформира. Дури сега има да има разлика!

Власта изгуби многу време и енергија во борбата со непријателот што ќе треба да се надоместат. Зашто скапо чинат подготвувањата отчети, смислувањето стратегии, бдеењето врз медиумите, следењето на секој опозициски чекор. Осумгодишната офанзива против опозицијата беше исцрпувачка, таа траеше дури колку две втори светски војни! И затоа сега сме целосно заштитени и одбранети.

Дамнешниот, историскиот сон на вистинскиот Македонец е на повидок! И најважно од сѐ – сето тоа е остварено со ефикасни избори и без капка крв. Сите дисциплинирано гласаа за оваа голема победа, и болните, и умрените, и заплашените, и поткупените, и духовите на тие што не постојат, и нашите патриоти од околните пустелии, и оние што на крај се прекршија и се определија.

Останува само да се решат во месеците и годините што доаѓаат уште некои мали, споредни и небитни работи, како, на пример, што ќе се прави со оние заблудени души, како соработниците, истомислениците и симпатизерите на поразената опозицијата. Со оглед на нивната малобројност, се разгледуваат можности за нивно иселување, раселување, упокојување, изолирање или интернирање. Тоа ќе оди лесно, зашто поголем дел од нив ќе можат без проблем да си го најдат местото под други, немакедонски сонца.

ЛЕБ И СОЛ, ПОЗАЈМИЦИ, КРЕДИТИ

Проблем ќе бидат само дел од граѓаните што не веруваат во демократијата, која, според нив, била само параван за богатење. Тие немаа опција на овие „избори“, која ќе можеше да ги внесе директно во рајот и затоа се размислува да бидат приклучени кон движењето на отпорот на Таксим. И онака срцето на нашиот претседател чука со срцето на нивниот. Така барем ќе добиеме меѓусебно збратимена, двојна љубов.

А на местото на незадоволните Албанци ќе дојдат презадоволните Роми. Албанците се и онака еснаф-народ, ќе се фрлат на работа и ќе заборават на маката. Преостанатите „промили“ незадоволници, на кои глас не им чувме, се очекува да испарат од жешкото сонце за време на претстојното изгор-лето.

Упорните и бескомпромисните борци за човекови права, достоинство, слобода и за демократија веќе не му се потребни на народот. Не му е потребен некој што ќе му ги отвора затворените очи. Народот се измори и сака да спие, не сака да слуша за грабежите, измамите и за лагите на својот единствен спасител – власта. Тој си го сака есапот што таа му го прави зашто таа најдобро знае колку му треба нему да си ги протера месецот, годината и животот.

Леб и сол, позајмици, кредити, рабуш, кинеска облека, чај од тревки, Фатмаѓул, кладилници, бајачки, цркви, крстови – тоа се нашите судбински леб и игри во месеците и годините, во животот пред нас. И еднаш, на година или две, ќе се случи и врвот на убавиот живот – прошетка со сендвич и сокче по монументалниот плоштад во Скопје, во организација на партијата-мајка.

Зашто ништо не е поважно од нашата патриотска љубов кон сигурните раце што ќе нѐ чуваат, нашата држава и партија, слеани во едно. Тие се сега нашиот единствен избор. За да ги сочуваме, ќе направиме сѐ. Ако треба, сите ќе се вратиме назад. Многу назад, каде што ќе продолжиме мирно да спиеме. Дури до таму назад – од кај што сме излегле!

Поврзани новости