Како да заштедите гориво: 20 совети за сите возачи!

by Фокус

(Информациите за овој Водич за „позелени“ автомобили ги преземавме од веб-сајтот www.musclecarszone.com со дозвола од авторите)

Цените на горивото растат, но заштедата на гориво за вашиот автомобил не мора да значи дека треба да потрошите богатство на некој суперекономичен хибрид или на електрично возило со нула емисии. Следејќи ги советите што ќе ви ги приложиме во понатамошниот текст, можете да заштедите до 10 отсто гориво и да си го задржите вашиот автомобил.

Горивото е скапо со тенденција да стане уште поскапо во наредниот период. Билбордите на бензинските пумпи, како и бројчињата што растат на пумпата постојано нѐ потсетуваат на тоа колку всушност ние секојдневно трошиме на гориво.

Но, тоа не е сѐ. Потрошувачката на бензин и дизел ја загрозува планетата во целост. Колку повеќе трошиме, толку повеќе јаглерод диоксид испуштаме во атмосферата, заедно со уште поголема емисија на други штетни гасови, кои никому не одат во прилог.

Што е решението? Најочигледниот одговор е дека треба да трошиме што помалку гориво бидејќи е штетно и за нашите џебови и за околината. Во прилог следат неколку наши совети за тоа како може да заштедите на гориво, на начин на кој можете да си го дозволите.

1. Изберете го вистинскиот автомобил

Повеќето од нас би можеле да заштедат на гориво, кога би возеле нешто поразлично. Но, нашата цел не е да ги убедуваме возачите да си ги остават автомобилите или, пак, да ги заменат за некоја „зелена“ машина.

Она што сакаме да го кажеме е дека секогаш се исплати да бидете паметни при изборот на автомобил. Размислете за што ќе го користите, каде ќе го возите и колкава километража можете да минете со него. Откако ќе го земете предвид сето ова, изберете автомобил, кој не треба да има карактеристики, големина или перформанси кои речиси никогаш нема да ви затребаат.

Сетете се на тоа дека секој плус литар што ќе го потрошите за секој изминат километар значи многу кога ќе пресметате колку плус пари сте потрошиле низ годините.

2. Сервисирајте го автомобилот

Автомобилите работат многу подобро, кога сите цилиндри им се функционални. Модерните автомобили бараат помалку одржување отколку порано бидејќи возачите сега знаат дека советите од произведувачот се рецепт за катастрофа.

Кога сигналните светилки во автомобилот ќе се вклучат, значи дека е дојдено време за во гаража. Не треба да чекате да поминете уште речиси 3.000 километри.

3. Подмачкајте го автомобилот

Секој од нас знае дека маслото на моторот треба редовно да се проверува, но колкумина тоа навистина го прават? Ако не го проверувате, треба да почнете и, исто така, треба да го одберете вистинското масло за вашиот автомобил.

Во прирачникот од производителот треба да пишува кој тип масло е соодветен за вашиот автомобил.

Моторното масло претставува амортизер за механичките делови на моторот, така што внимавајќи на вашиот подмачкувач придонесува сѐ да функционира мазно и ефективно.

4. Напумпајте ги гумите

Зголемувањето на ефективноста на горивото значи намалување на енергијата што е потребна за движење на автомобилот. Недоволно напумпаните гуми ја отежнуваат работата на моторот.

За секои пет отсто од намалувањето на воздушниот притисок во гумата, потребата за гориво се зголемува за еден процент. Абењето на гумите, исто така, се зголемува. Проверувајте го притисокот во гумите секој месец и напумпајте ги согласно препораките на производителот на автомобилот.

5. Изберете ги вистинските гуми

Понудата за гуми за автомобили на пазарот е широка, но, за жал, повеќето возачи речиси секогаш посегнуваат по најевтините. Доколку сакате да заштедите гориво, ваквиот избор не е вистинскиот за вас.

Гумите специјализирани за заштеда на гориво можеби се малку поскапи од обичните, но нивната намена е да ви заштедат гориво. Овој вид гуми содржи специјални гумени состојки што ја намалуваат потрошувачката на гориво за пет отсто.

6. Изберете го вистинското гориво

Според некои возачи, употребата на првокласно или високооктанско гориво заштедува на потрошувачката на гориво во целост, но нафтените компании се внимателни со ваквите изјави.

Ваквите горива честопати содржат состојки што ќе го прочистат моторот, со што ќе се зголеми неговата ефикасност, но тоа не влијае директно врз заштедата на гориво.

Како и да е, изборот на вистинското гориво е секогаш од корист и на возачот и на возилото. Доколку пронајдете гориво кое повеќе ви се исплати и ви заштедува на потрошувачка, не менувајте го за ништо.

7. Испланирајте го вашето патување

Автомобилот е важен дел од нашите животи и сите ние со голема леснотија го користиме без да мислиме дури и каде одиме. Но, планирањето однапред е секогаш исплатливо. На тој начин стигнувате на саканата дестинација побрзо и не трошите дополнително гориво.

Најкраткиот пат е обично најдобриот избор, но прилагодете се, со цел да избегнете застој во сообраќајот и да пронајдете побрзи патишта. Возењето по автопат заштедува повеќе на гориво отколку возењето по урбаните, локални патишта.

Доколку сте во можност, изберете да возите во периоди од денот кога нема толку метеж во сообраќајот и гледајте да не застанувате во повеќе наврати.

Моторот на автомобилот троши повеќе гориво кога се загрева, така што застанувањето и тргнувањето на повеќе наврати не влијае поволно врз неговата потрошувачка.

8. Немојте да залутате

Залутувањето е одличен начин да потрошите повеќе гориво. Невнимателноста може да доведе до тоа да го пропуштите излезот од автопатот и да се возите бесцелно половина час низ улиците, што навистина фрустрира и доведува до расправии со вашите сопатници. Не правете го тоа!

Планирањето на патот по којшто ќе возите е од суштинско значење, но секому му се случува да згреши така што понесете си мапа за секој случај или пак инвестирајте во квалитетен систем за навигација. Најновите системи за навигација, ќе ви укажат на можните проблеми на патот и дури ќе ве насочат на најекономичниот пат до вашата дестинација.

9. Исклучете ја климата

Внатрешниот климатски уред некогаш беше луксуз, но во денешно време доколку го немате најверојатно возите трактор. Спротивно на јавното мислење, не е возможно да се возиме со вклучена клима без притоа да не потрошиме дополнително гориво.

Климатизирањето и другите електронски системи, ја трошат батеријата, а моторот на автомобилот треба повторно да ја наполни. Во некои случаи, користењето на уред за климатизација, ја зголемува потрошувачката на гориво за неверојатни 20 отсто.

Заклучокот е дека треба да го користиме поумерено.

10. Затворете ги прозорците

Бидејќи користењето на уредот за климатизација се покажа како лош потег, тоа значи дека можете барем ширум да ги отворите прозорците. Или, пак, не?!

Одговорот е и да и не. При возењето со помали брзини, попаметно е да отворите прозорец отколку да го вклучите клима-уредот, но при зголемување на брзината, се зголемува и аеродинамичноста.

При возење на автопати, отворањето на прозорците може да влијае врз потрошувачката на дополнително гориво, така што во ваквите случаеви е подобро да го вклучите клима-уредот. Исто така, не можете да знаете како аеродинамичноста ќе влијае врз лактот изгорен од сонцето, кој обично го потпирате на отворениот прозорец.

11. Извадете го багажникот од покривот на автомобилот

Произведувачите на автомобили поминуваат часови и денови смислувајќи модерни дигитални модели со цел да ги направат своите производи што е можно поаеродинамични, за потоа нивните потрошувачи да стават огромни багажници врз покривите од автомобилот.

Купувањето багажник за покривот од автомобилот е поисплатливо од купувањето поголем автомобил, но кога ќе се вратите дома, симнете го.

Сѐ што го спречува протекот на воздух низ вашето возило, влијае негативно врз аеродинамичноста и води до зголемена потрошувачка на гориво.

12. Испразнете го багажникот

Секој дополнителен товар во вашиот автомобил му ја отежнува работата на моторот, а со тоа се зголемува потрошувачката на гориво и емисијата на штетни гасови. Исто така, го попречува речиси секој сегмент од перформансот на автомобилот, почнувајќи од забрзувањето, управувањето, па сѐ до кочењето.

Одреден товар е нужен, а и малкумина би држеле диета само за да заштедат гориво, па дури и ако го сторат тоа нема да биде од голема полза. Секој од нас носи одредени работи во автомобилот кои, всушност, не му се потребни.

Според направените проценки, секои 30 килограми што ги носиме во автомобилот, ја намалуваат заштедата на гориво за еден процент.

Тоа значи дека чистењето на багажникот може да ви донесе значителна заштеда. Дури и резервното гориво претставува голем товар, така што не точете премногу бензин доколку тоа не е навистина потребно.

13. Исклучете го моторот

Голем број од модерните автомобили се служат со системи кои автоматски го исклучуваат моторот, доколку автомобилот не се движи со цел да ја намалат потрошувачката на гориво. Доколку вашиот автомобил го нема овој систем на гаснење, вие и самите можете да го сторите тоа секој пат кога ќе застанете.

Моторот што загрева непотребно, троши околу 3,5 литри бензин на час, што значи дека времето што го минуваме заглавени во сообраќајот, чекајќи на семафори или, пак, паркирани додека моторот работи, ја зголемува потрошувачката на гориво и емисијата на јаглерод диоксид во воздухот.

Тоа не значи дека секојпат кога ќе подзастанете треба да го исклучите моторот, но ако не се движите подолго од 15 секунди, исклучувањето на автомобилот ќе придонесе за заштеда на гориво.

14. Возете „нежно“

Добро, значи го избравте автомобилот, се грижевте за него, го испланиравте возењето, ја исклучивте сета непотребна електроника и го испразнивте багажникот. Сега е време за возење!

Она што е клучно во заштедата на гориво е да бидете нежни во возењето, односно да возите со леснотија. Секое ваше движење на воланот, регулаторот на пристап на гас и сопирање треба да биде нежно и постапно.

Вашата цел е да ја зголемите брзината, без непотребно да ја отежнете работата на моторот и потоа да ја одржите леснотијата при возењето. Наглите движења на автомобилот и притисокот врз педалите нема да ви биде од никаква корист.

15. Не брзајте

Доколку сте смирени и не се брзате, на тој начин ќе придонесете и кон заштедата на гориво. Бидете смирени и не се брзајте, така сите ќе бидат задоволни. Преагресивните или, пак, премногу внесените возачи трошат повеќе гориво.

16. Сменете порано брзина

Доколку вашиот автомобил има рачен менувач, тогаш бргу сменете ја брзината. Ова ја олеснува работата на моторот бидејќи автомобилот бргу се внесува во неговата потребна и најекономична брзина.

Доколку возите бензинец, сменете ја брзината при достигнување околу 2,500 rpm. Кај дизел-возилата, сторете го тоа при достигнување на 2,000 rpm.

17. Намалете ја брзината

Возењето со помала брзина значително влијае врз заштедата на гориво. Еден просечен автомобил користи 10 проценти повеќе гориво при брзина од околу 120 километри на час, отколку при возење со брзина од 95 на час, што значи дека прилагодувањето на брзината ќе влијае позитивно врз потрошувачката на гориво на вашиот автомобил.

18. Набљудувајте и бидете подготвени

Лесното и економично возење кон кое се стремиме се постигнува полесно доколку сме внимателни и можеме да го предвидиме текот на сообраќајот и околностите.

Од суштинско значење е да си дадете простор и време како би можеле да предвидите што наредно ќе се случи и потоа да реагирате соодветно на ситуацијата.

Доколку возите преблиску до возилото пред вас или, пак, возите пребрзо, на тој начин значително си ги намалувате можностите за реагирање и се принудувате да кочите нагло, со што ја исцрпувате кинетичката енергија.

Доколу си дадете доволно простор и возите со прописна брзина, можете пополека да ја намалите брзината, со што полека ќе се приближите до редиците возила пред вас. Со малку повеќе среќа, можеби додека стигнете напред, метежот ќе се расчисти па ќе нема потреба воопшто да запирате.

19. Пренесете некого

Сега кога веќе ги знаете сите трикови за заштеда на гориво, можете да заштедите дури уште повеќе со тоа што ќе одвезете некого некаде.

Еден ауспух е секогаш подобар од два, така што доколку одвезете некој ќе ја намалите стапката на испуштен јаглерод во воздухот. Доколку и тие ви ја возвратат услугата, така ќе заштедите уште повеќе.

20. Оставете го автомобилот дома

Најефикасен начин да заштедите гориво е воопшто да не го користите автомобилот.

Доколку можете да пешачите, возите велосипед или да го искористите јавниот транспорт за да стигнете до саканата дестинација, тогаш сторете го тоа. Најдете начин да го користите автомобилот што поретко и ќе придонесете кон почиста околина и ќе заштедите.

(Повеќе информации за заштедата на гориво можете да најдете на следната веб-страна www.energysavingtrust.org.uk)

Поврзани новости