Поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи денеска изјави дека доколку навистина биле прислушувани нема да простат никому, без разлика дали тоа е Никола Груевски или Зоран Заев. Поглаварот прислушувањето го опиша како психопатски чин.
-Ние, како принцип, нашиот став е дека тој чин нè погоди и длабоко нè навреди. Затоа што самото прислушување те прави сомнителен. Всушност излегува дека ИВЗ била сомнителен субјект и како таква требало да биде прислушувана. Ако навистина сме прислушувани, никому нема да му простиме. Сега, кој го сторил тоа, ќе видиме. Кога велам финализирање на процесот, работата треба да оди до крај и доколку навистина излезе дека сме биле прислушувани, ние не сме подготвени да му го простиме тоа никому, без разлика на тоа кој ме прислушувал, Заев или Никола Груевски, рече Реџепи.
Претходно, при објавувањето на првата „бомба“, претседателот на СДСМ, Зоран Заев изјави дека прислушувани биле и поглаварите на верските заедници во земјата, вклучително и највисоките претставници на Исламската верска заедница.