Обвинението „Плацевите на Водно“, за тајниот имот на екс премиерот Никола Груевски, денеска стигна во Кривичниот суд, дознава „Фокус“. Сега ќе следи оцека на обвинителниот акт, по што доколку добие позитивна оценка, набрзо ќе стартува и судењето.
Заедно со обвинението е поднесен и предлог за продолжување на притворот на бизнисменот Орце Камчев, кој е еден од осомничените, како и барање за конфискација на имот.
Истрагата „Плацевите на Водно, пред неполни седум месеци ја отвори Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а потекнува од згаснатото СЈО. Обвинителката Лиле Стефанова ја водела предистрагата, а предметот и понатаму е во нејзините раце. Освен Камчев и Груевски, осомничени се и неговиот кум Ристо Новачевски, екс директорот на УБК Сашо Мијалков, мајката на Камчев, Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.
Според обвинителството, од 2006 до 2012 година, Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиски донации што ги добивал лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра. Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно, поточно на зафатот веднаш над Панорама, односно во местото викано Шербетница. Но за време на истрагата беа откриени и уште два нови стана и ново градежно земјиште, кои од неодамна на барање на обвинителството се замрзнати.
-Врз основа на опсежна истрага, дојдено е до откривање на два нови стана и плац од 3. 000 квадратни метри на Водно. За овие е издадена мерка забрана за нивно отуѓување додека трае оваа постапка – рече неодамна обвинителот Љубомир Јовески.
За тајниот имот на Груевски веќе пишуваше и неделникот „Фокус“.
Валентина Вурмо