Поднесено обвинение за издавањето лажни возачки дозволи

by fokus

Скопското јавно обвинителство поднесе обвинителен предлог против 36 лица, од кои петмина се товарат за злоупотреба на службена положба, додека останатите 31 за поттикнување.

Петтемина обвинети, вработени во Одделението за управни работи Скопје, Сектор за управно надзорни работи, Оддел за граѓански работи при МВР, како што соопшти Јавното обвинителство, во повеќе наврати ја искористиле својата службена положба и овластување.

-Имено, во периодот од 26.11.2019 до 19.05.2020 година, поттикнати од останатите обвинети, тие пополнувале барања за издавање возачка дозвола во кои внесувале невистинити податоци, ги пуштале во процедура, вршеле одобрување и издавале возачки дозволи. На овој начин тие им овозможиле на подносителите да се стекнат со возачки дозволи од Б категорија, иако не ги исполнувале условите за тоа, односно немале положено возачки испит.

За првоосомничениот, за кого во текот на претходната постапка беше определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител достави предлог за продолжување на притворот.

Со претходната постапка во овој предмет беа опфатени уште три лица вработени во Одделението за управни работи при МВР, но со направените проверки не се утврди дека тие презеле незаконити дејствија. Од тие причини, надлежниот јавен обвинител донесе решение за отфрлање на кривичната пријава против овие три лица, стои во соопштението.​

Поврзани новости