Подготвени сме да слушнеме и да прифатиме сѐ што е најдобро за учениците, тврдат властите

by fokus

Со новата концепција за основно образование ниту еден наставник нема да остане без работа. Влегуваме етапно и постепено во основното образование, за да загарантираме квалитет и за да можеме да ги вклучиме сите засегнати страни кои имаат одредено мислење, рече денеска министерката за образование Мила Царовска.

-Концепцијата за основно образование е дел од стратегијата за реформа во образованието 2018/2025 година и е законска обврска на Министерството за обраозвание и наука согласно со Законот за основно образование. Јас верувам во демократски дискусии, верувам во коментари на сите професори кои ги даваат, тие се добронамерни, дел од нив се конструктивни и ги земаме во предвид за да на крај донесеме што подобра концепција за основно образование кое ќе значи квалитет во основно образование за сите деца кои се моментално во системот, но и за оние кои влегуваат, рече Царовска.

Посочи дека со концепцијата одат полека, за разлика од претходни концепти кои се менувале радикално и внесувале промена во сите девет одделенија наеднаш.

-Дебатата продолжува, во моментот кога ќе ги согледаме сите коментари, кога ќе ги сумираме информациите кои сме ги добиле од страна, а притоа што е прифатено а што не, ќе ја известиме јавноста и ќе продложи имплементацијата на концепцијата, рече таа.

Премиерот, Зоран Заев изјави дека сите кои работат на новиот концепт на основното образование немаат лоши намери и се подготвени да ги слушнат сите експерти од сите области, вклучително и родителите и дечињата, и да го прифатат тоа што е најдобро.

-Сите сфаќаме и потврдуваме дека ни требаат реформи во основното образование, бидејќи сите имаме деца или внуци или ќе имаме деца кои треба да тргнат во основно образование. Образованието постои заради децата, а не заради учителите, наставниците или професорите. Тие се тука и се драгоцени заради тоа што го пренесуваат своето знаење на децата. Ако тргнеме од принципот кај се гледам јас, што со моите часови, дали на факултетите ќе се одржат таквите катедри и наставни програми, а при тоа не ни се важни дечињата нема да стигнеме никаде, рече Заев.

Еден дел од сугестиите, прецизира, велат да се оди пополека и да не се избрзува. Да се тргне од прво одделение, па следната година од шесто одделение за да видиме како ќе влијае новиот концепт на образование зашто е поедноставно да се почне од прво одделение, бидејќи имаат само учителка и професор по англиски јазик или по физичко, а од шесто одделение имаат по 12 до 13 наставници и професори.

-Можеби треба да дадеме подолго време за шесто одделение за да се издискутира до крај и да тргнеме од 2022 година, но ова не го кажувам како експерт, туку за да знаат сите дека јас, министерката за образование и целиот нејзин тим, експертската и работната група се подготвени да слушнат што е најдобро и да го прифатат тоа за да стартуваме онака како што е најдобро за учениците, потенцира Заев.

 

Поврзани новости