Заев: Пописот е насушна потреба и верувам дека ќе се спроведе од 1 до 21 април

by fokus

Пописот е насушна потреба и верувам дека ќе биде спроведен од 1 до 21 април како што е замислен. Сега постои Закон за попис, го спроведуваат институциите, тој е задолжителен и има казни ако не се почитува, порача денеска премиерот Зоран Заев.

– Пописот треба да се спроведе затоа што е обврска и заради тоа што сме единствена држава во Европа која нема направено попис, заедно со Сомалија и не знам кои други држави. Срамота е после 18 години уште да правиме експеримент дали треба да има попис во државата или не. Пописот не е за да се попишат политичките партии или политичарите во државата, туку е заради граѓаните. Опозицијата вели кога ќе дојдеме на власт ќе направиме нов попис. Нема проблем, зашто државата во 2031 година пак ќе прави попис и ќе видиме кој тогаш ќе биде власт, изјави Заев.

Тој нагласи дека ги слушаат барањата на опозицијата и се прават напори да ги земат предвид иако, како што потенцира, понекогаш не ја гледа рационалноста. Тој кажа дека со меѓународните партнери Владата бара донација за најмалку 5.000 апарати за отпечаток од прст, за да може да биде вградено и тоа барање на опозицијата, но вели дека не му е јасно како ќе се зема отпечаток од прстот од иселените граѓани или од децата под 18 години.

– Во Република Северна Македонија е дозволена бипатридност, односно двојно државјанство и секој што е граѓанин на државата е нејзин државјанин. Прашање е само дали живее тука или е иселен повеќе од една година. Тој што е иселен повеќе од една година се смета дека е нерезидент и се попишува како граѓанин на Северна Македонија иселен повеќе од една година. Сите други што се во државата се сметаат за резиденти кои живеат во државата. Тоа е јасно решено за сите етнички заедници и ја прави беспотребна која било калкулација и нема никаква ретроактивност, бидејќи се попишуваат резиденти, нерезиденти и вкупно што е менлива величина, рече Заев.

Премиерот посочи дека годинава може 20 отсто од една етничка заедница во државава да бидат надвор од земјава, а до година плус 20 отсто од нив да бидат дома, бидејќи, како што рече, светот е глобално село.

Поврзани новости