Тутунарите на протест пред Влада, бараат зголемување на субвенциите до 100 денари

by fokus

Линеарно зголемување на субвенциите до 100 денари за килограм, бараат тутунарите кои денеска протестираа пред Владата. Тие во моментов се на средба со надлежните.

Како што изјавија на протестот, досегашните средби со министерот, премиерот и откупувачите не дале резултат, а на терен не се почитува договореното. Револтирани и незадоволни се, како што напоменаа, од ниската откупна цена и лошата проценка на родот.

-Ако продолжи ова што сега се случува, веројатно по Велигден ќе има армија од 120.000 – 130.000 сиромашни тутунари зашто нивните семејства бројат отприлика толку членови. Луѓе кои буквално ќе немаат скршен денар за егзистенција. Ќе мора да купиме уште по едно торбиче и да тргнеме по селата да питачиме, изјави Васко Јосифовски од Иницијативниот одбор на тутунари.

Според производителот Џево Асали, дополнителен проблем прави узвозот на тутунот.

-Не е точно дека се работи само за 1.800 килограми увезен тутун. Вишок тутун нема, надворешен тутун има. Зошто го увезуваат однадвор? Нека ни го дадат ние да го садиме, а не да внесуваат кој колку сака, истакна Асали и апелираше Министрството за земјоделство да го повлече новиот закон.

Игор Мирчески од Иницијативниот одбор вели дека проценката на тутунот и натаму е лоша, а има и големи одбитоци, до 10 проценти. Слаба е и динамиката на преземање на родот.

-Затоа се одлучивме за протест пред Владата, за конечно да каже премиерот дали има решение за нашите проблеми или нема, изјави Мирчески.

На тутунарите пред Владата им се придружија и лозари од тиквешкиот регион.

-Бидете сложни, не отстапувајте. Ве поддржуваме во напорите и без разлика каде ќе блокирате, ние ќе блокираме со вас. Ние сме најсиромашниот народ, тутунарите и лозарите, рече лозарот, Златан Стојчев.

Тутунарите најавија нови протести ако не се изнајде решение за ниската откупна цена на тутунот.

Пред новогодишните празници тие имаа средба со премиерот Зоран Заев на која присуствуваше и министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа. Тогаш откупната цена беше 167 денари за килограм, а како што истакна министерот, не е исклучено до крајот на откупот да се достигнат и ланските 220 денари.

Годинава квалитетот на реколтата е послаб, но, според тутунарите, не е и толку лош за исклучително ниските цени и нереалната проценка што ја прават откупувачите.

Од Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија пак велат дека откупот на тутунот продолжува и дека отворени се сите пунктови и има интерес за носење на родот

-Тутунот се откупува на сите откупни пунктови. Тутунарите сакаат да го предадат родот, зашто времето им истекува. Ги повикуваме фирмите да ја зголемат динамиката на откуп, за луѓето да може да го предадат и оној вишок тутун што го имаат и да биде преземен во законскиот рок. На некои пунктови во одредени општини има јавување за запирање за второстепена комисија. Тоа и го бараме како Сојуз – секаде каде има нереална процена, да се запира за второстепена комисија, изјави претседателот на Сојузот на земјоделски здруженија, Менде Стомнароски.

Сојузот не е против тутунарите да протестираат.

-Ние не сме против тутунарите кои протестираат, така процениле од Иницијативниот одбор, но наше мислење е дека со зголемена динамика ќе се подобри просекот на откуп и навреме да се преземе родот, рече Стомнароски.

Поврзани новости