Поделени…

by lali

JaniИако кафичот беше преполн вниманието го привлекуваше расправата на едно мало друштво. Гестикулираа со раце, покажуваа песни од YouTube. Ана, Петар и Фатон се запознаа на факултет и последните две години беа неразделни  другари, делеа многу работи, заеднички празнуваа и Велигден и Бајрам. Се расправаа каде ќе ја прослават Новата година. Беа поделени околу вкусовите и приоритетите. Ана како тинејџерка лудува по Даниел, а Петар секоја домашна журка ја завршуваше со “Неко те има ночас” од Ван Гог. Фатон  разбра дека неговата симпатија Новата година ќе ја чека на плоштадот Скендербег. Еден град, а три плоштади (и тоа без главниот). Додека светските агенции ќе известуваат за незаборавните пречеци на плоштадите на главните градови, за нас ќе треба 73 инсерти од различни скверови со испомешана музика и чад од скара да емитуваат. Во 2013-та не успеав да ги убедам скопјани дека ни треба еден заеднички плоштад, една заедничка прослава. Се надевам некој набрзо ќе успее во тоа, зошто така е правилно, така е поубаво, така го личи.

Но разговорот отвори многу поделености. Фатон раскажуваше за долгата дискусија со својот татко после вториот студентски марш. Татко му кој тазе беше вработен во полицијата му зборуваше дека ќе остане без работа ако го видат Фатон на протести. Како никогаш досега не ја чувствуваше блискоста со својот татко. Беа поделени, не само кога ручаа дома, туку и преку барикадите, но беше цврсто решен до крај да ја истера борбата против екстерното тестирање. Петар ја убедуваше Ана да отидат на протестот за наметнатите придонеси за хонорарите и авторските дела. Сметаше дека поделеноста нема да донесе резултат, дека екстерното нема врска со придонесите, но доаѓа од иста влада. Од влада која не слуша, се инаети, влада која се интересира како да приграби повеќе пари од народот. Ана возврати со прашањето, а каде беше ти кога протестирав за правото на абортус?

Одеднаш сфатија колку сѐ во општеството е поделено. Не можеа да се сетат во историјата дали имало толку успешен пример за максимата „Раздели, па владеј!“ Им дојде  криво што не протестираа за затворањето на А1 телевизија, за 24-ти декември. Тогаш им беше се некако туѓо, а им беше и ладно. А, сега? А сега само можеа да ги бројат пропуштените битки. Затоа цврсто решија да бидат учесници во општествените промени. Да се гордеат дека се заокружени со црвено, да докажат дека мислат со своја глава и се борат за својата иднина. Стана јасно дека секоја загрозена група не може сама да го оствари своето право одземено од една тоталитарна власт. Сфатија и дека партиите се недоволни за да се разбудиме од хипнозаата наречена doing business. Како договорени се фатија за своите телефони и се јавија на уште еден нивен другар, заеднички му се извинија зошто не беа со него во Дамар кога беше каменуван и му ветија дека следниот пат доаѓаат со него.

За жал, денес може да констатираме дека Македонија е најподелена во својата историја. Тоа што не им успеало на цареви и генерали денес ѝ успеа на владата на Груевски и Ахмети. Општеството е поделено како со нож, или си со власта или непријател, предавник, грчки платеник, соросоид, сдсмовец. Денес, Македонија,  и надворешно не само што е поделена од Европа, туку таа после последните одлуки на Советот на министри, поделена е и од колегите-држави од западниот Балкан.  И тоа е последица на континуирани активности на власта. Како во гладијаторска арена – ќе фрлат тема, а народот ќе се тепа, кара, дели, а власта од ложата само ќе се смешка и тера по свое. Таков последен пример е и предлогот за новиот грб на нашата држава. Ќе трошиме недели на дебата за круната да имала четири, а не пет дела, па опашката дали била нагоре или треба надолу, а за тоа време нашите празни џебови ќе се полнат единствено со пусулче со ново задолжување.

Само за една работа не нѐ делат во Македонија. Во снимањето, како колективно, така и поединечно. Нѐ снимаат додека трае операцијата, снимаат додека на состанок се специјалистите со менторите, снимаат кога се полага екстерно, во живо и тоа, снимаат кога се полага за државна администрација. Од 800 па нагоре на МaxTv-то ќе имаш директни преноси од што сакаш. Батали програма, само преноси. И после ќе си викнеш друштво на пиво и операција на дебело црево, или во кафичи специјална промоција: чаша вино и пренос од полагање на екстерно со кикирики.

Затоа борбата на студентите е борба за останување во Македонија, но и опстојување на Македонија. За крпење на поделената Македонија. За Македонија во која законите ќе се носат во нормална процедура и ќе важат за сите. За Македонија во која ако треба сите ќе плаќаат придонеси за хонорар, а не избраните и именуваните лица од власта да бидат ослободени од тоа. За Македонија во која судиите ќе судат независно по закон, а не зависно по темплејт. За Македонија во која јавната дебата ќе се води јавно, а не зад затворени врата, дебата во која ќе учествуваат засегнатите страни, а не избраните страни. За Македонија во која синдикатот ќе ги штити работниците, а нема да јаде кавијар со министрите. За Македонија во која факултетите ќе се отвараат согласно побарувачката на пазарот на трудот, а не од ракав.

Затоа ова не е обична, изолирана борба за еден или два испита, ова е борба за нови стандарди во сите општествени пори. Без разлика што рамо до рамо со нив се и новинарски остри пера, и политичари со бели влакна, бургијаши и стечајци, ова е нивна борба. Борба да бидеш прашан, чуен, консултиран. Победата од таа борба ќе стане обврска на оваа генерација студенти да бидат поинакви. Поинакви политичари, менаџери, синдикалци, новинари. Никого повеќе да не заокружат зошто бара некое свое право и има свое мислење. Никого повеќе да не уценуваат за работно место зошто неговото дете е похрабро и погласно од другите. Никого повеќе да не делат, зошто поделени сме и изгубени.

А, Ана, Петар и Фатон се договорија да се придружат на повикот од социјалните мрежи и се чекираа going новата година да ја дочекаат на платото пред УКИМ.

Поврзани новости