Заев: Ќе докажеме дека последните два изборни циклуси се апсолутно криминални

by Фокус

Дел од доказите кои ќе ги обелодениме ќе посведочат за тоа дека последните двата изборни циклуси се криминални и се класична кражба на власта, рече вечерва пред охриѓани лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а пренесе порталот Охрид Тајмс.

-Дел од доказите кои ги имаме докажуваат дека изборите кои се спроведоа во 2014-та и во 2013-та година се апсолутно криминални. Ова што ни се случи во 2013 и 2014 не е пораз туку кражба која што кога ќе ја обелодениме ќе видите дека не изгубивме. Но, кога ќе слушне и Бакрачески како тоа во 2013-та година станал градоначалник и како победил, не знам како ќе додржи да остане на својата позиција. Тоа беа криминални избори, рече Заев пред охриѓани, а пренесе Охрид Тајмс.

Тој потенцираше дека Никола Груевски цели тринаесет години ја води Македонија и дека не може да бара друг виновник за состојбата во која се наоѓа државата.

-Груевски девет години е премиер и уште четири години беше министер во влада најчесто за економски прашања. Од вкупно 23 години независност, цели 13 години тој ја води Македонија. Еве Заев немал можност да ја води државата. Тринаесет години ја води државата и денеска повторно Заев е крив, СДСМ е крива, потенцираше Заев.

Заев додаде дека еден од модалитетите како е заробена државата е спрегата меѓу МВР, обвинителството и судството и дека таа спрега е контролирана од еден центар.

-Го гледате хаосот кој што ВМРО–ДПМНЕ го создава во општеството во последните неколку месеци. Бомбардирањето е почнато во државата. Гледате дека од сите страни се ниша владата, рече Заев.

Лидерот на СДСМ оцени и дека образовниот систем е уништен, потенцирајќи дека е против екстерното тестирање на учениците и студентите.

 

Поврзани новости