Петмина синдикалци вработени во Сојузот на синдикати на Македонија се фатени како уништуваат документи во сопственост на ССМ поради што в.д. претседателот, Дарко Димовски, донел одлука да им забрани влез во зградата, велат од ССМ. Одлуката е објавена на огласната табла во холот на синдикалната зграда.
Димовски навел дека ваквата одлука ја донел поради тоа што давале лажни изјави во медиумите, го опструирале новото раководство, не го признавале новиот претседател и поради тоа што презеле дејства што ги кршат актите на ССМ.
-Бевме принудени да им забраниме влез. Ги фативме со вреќи во рацете полни со записници од седниците како ги носат надвор за да ги исфрлат. Истите го заклучија кабинетот на претседателот пред да го заземеме, поради што моравме со хаус мајстор да ја разбиеме вратата – вели Димовски.
Станува збор за двајца членови на Синдикатот на сообраќај, член на Синдикатот на СОБС, на новоформираниот синдикат СТОЛБ и на Синдикатот на работниците од шумарството каде што беше Живко Митревски пред да стане претседател на ССМ.
На денешната прес конференција новото раководство на ССМ објави дека по направениот попис во кабинетот на претседателот било утврдено дека фалат документи. Најавија кривични пријави против Митревски.
М.В.