Поддршка за студентите кои утре повторно ќе излезат на протест, стигна и од организаторите на протестот против плаќањето на придонеси за хонорарите. Тие посочија дека ја изразуваат нивната поддршка и солидарност со студентите, и ги повикуваат сите граѓани да учествуваат на утрешниот студентски протест, во 14 часот, пред Владата.
-Ние и студентите во последните неколку месеци сме изложени на истата политика на опресија, игнорирање и исклучување од страна на надлежните власти во однос на предложените и усвоени законски измени за државниот испит и за плаќањето придонеси за задолжително социјално осигурување за хонорарите. Уште повеќе, ваквите политики и практики на актуелната власт ги загрозуваат и ускратуваат човековите права не само на директно засегнатите групи (студентите и хонорарно-ангажираните работници), туку и на сите останати индиректно засегнати субјекти – универзитетските професори и останатите академски работници, вработените во редовен работен однос во сите бранши, средношколците, родителите, пензионерите, се вели во соопштението за поддршка на студентите.
Овие граѓански активисти додаваат и дека медотот со кој власта ги усвојува и спроведува законските решенија е недемократски и исклучувачки, односно се врши во отсуство на дијалог со најзасегнатите граѓани, на товар на сиромашните и обесправените, а, како што велат, во спрега со послушните поданици во квази-независните тела и институции, како ССМ и СПУКМ, со цел за уште поголемо богатење на најбогатите и следствено, зацврстување на сопствените позиции на моќ и привилегии.
-Уште повеќе, фрапираат информациите за забрзано воведување мерки на засилен надзор и ригорозни казни поврзани со непочитување на веќе усвоените законски решенија, чија основна цел во суштина е зголемување на атмосферата на страв, закани и уцени и неоставање простор за делување. Затоа, ние, организаторите на протестот против плаќањето придонеси за хонорарите апелираме за масовна солидарност и поддршка на студентите во нивната борба за остварување на нивните права и за враќање на автономијата на универзитетите, затоа што таа е и наша, заедничка борба – борба против политиките на опресија, исклучување и игнорирање. Таа е една те иста борба, борба за човекови права, борба за подобра правна држава, борба за поголема социјална правда и еднаквост, се вели во соопштението.