Атрактивната локација под Плаошник, на денеска одржаното електронско наддавање, е продадена за 51.000 денари за еден квадратен метар, на понудувач од Скопје. Почетната цена за отуѓување на градежното земјиште кое беше во државна сопственост, изнесуваше 1.543 денари за еден квадратен метар- пренесуваат локалните интернет портали.
Градежната парцела, која се наоѓа од левата страна од патеката што води до црквата „Св. Јован Канео“, е со вкупна површина од 201 квадратен метар и површина за градење од 90,9 квадратни метри. Според урбанистичкиот план, максималната дозволена висина до венец е 3,9 метри и се предвидува градбата да биде приземна, со минус две нивоа.
Оваа постапка на централната и на локалната власт, примена е со негодување во Охрид. Особено зашто станува збор за зелена површина, со борова шума, која сега треба да се сече.
Реагираа од опозициските партии во Охрид, ЛДП и СДСМ, кои прашуваат зошто безмилосно се раскрчмува најатрактивното државно земјиште под Плаошник, со почетна цена барем 20 пати пониска од пазарната?
Од владејачката партија и од локалната власт им одговорија со препорака ако имаат нешто против, да се јават на денешната лицитација.