Под новото сонце нема место за сите

by Фокус

Пишува
Синоличка ТРПКОВА

Гордоста има различни толкувања. Да се гордееш, значи да имаш дигната глава и смелост. Дека ти е мило оти си дел од нешто, зашто тоа е дел од тебе, а ти од него. Во минатото се гордеевме што бевме Титови пионери и што бев ме дел од една заедничка земја на братство и единство на рамноправни граѓани. Денес нè уверуваат дека тоа била наша зандана и таа „наша“ земја на многумина им служи за потсмев.

Многу мајки се гордееле што ги дале синовите во борбата против фашизмот за нашата заедничка слобода. Но, горди биле и нацистите на својата посебна ариевска раса. И Хитлер се гордеел со својата младина и војска, која по негова наредба сотрела едно чудо невини луѓе… Веројатно, и таа војска била горда што го имала Хитлер за водач, кој со војна ја спасил Германија од економска кризa и им го влеал чувството на супериорност.

Јас, сепак, гордоста ја паметам и ја врзувам најмногу за тие што беа наша работничка класа. Нашата средна класа, столбот на нашето тогашно општество. Таа шеесет години ја градеше државата во која сум родена, израсната и школувана. Државата во која живееја 22 милиони луѓе, а само 340.000 беа администрација.

НЕКОИ ПРЕКУ НОЌ СЕ ЗБОГАТИЈА И „НАШЕТО“ ГО НАПРАВИЈА „СВОЕ“

Се сеќавам на работниците во фабриките, меѓу кои имав многу роднини, соседи и пријатели. Многумина од нив почнуваа да работат предзори, кога сите спиевме. Во гимназиските денови одевме на практична работа во Металски завод Тито, Алкалоид, Тутунски комбинат, Пивара, Цветан Димов, во „слатката“ Европа.

Бевме професорски деца, службенички деца, лекарски деца, директорски деца, деца на работници, зашто тогаш, и покрај сите „врски“, сите бевме исти. Ако си одличен ученик, можеше да се школуваш каде што сакаш. И тоа бесплатно! Ама сите моравме да знаеме и што значи работа во практиката, во фабрика. Некои од нас беа и во канцеларии, но голем дел од нас беа и во производството.

Одблизу гледавме и учевме како се прават шрафови, навртки, сапуни, цигари, пиво и чоколади, но можевме и да зборуваме и со работниците, да чуеме како размислуваат. Одблизу ги гледавме мајсторите − кралеви на машините. Учевме дека нема добра и лоша работа, а има само мрзливост и имавме почит кон работникот, неговиот труд и нашето заедништво. Впрочем, нашиот претседател тогаш беше машинобравар!

Последниот филм на „нашиот“ југословенски режисер Желимир Жилник ја раскажа приказната за судбината на работникот во транзицијата. Филмот ја наслика трагикомичната состојба на работничката класа денес. Конфликтот меѓу тагата на веќе „’рѓосаното“ тело од една страна, и страста и упорноста да се продолжи да се работи по секоја цена, од друга.

Немоќта и незнаењето на новите капиталисти да го продолжат тоа што во социјализмот беше создадено, го отвори едно од најважните прашања, што сè уште е неодговорено во земјите во транзиција. Го живееме, за жал, раниот капитализам, во кој некои преку ноќ се збогатија и „нашето“ го направија „свое“, станувајќи капиталисти, а најголем дел, неснајдени, мизеруваат. Работниците − на улица. Работникот не моли милостина, не бара леб, не бара туѓо, туку бара − работа.

Легитимитетот на новите капиталисти-богаташи останува засега наш колективен срам зашто тие не се покажаа кадарни ниту да создаваат, ниту да размислуваат подалеку од своите џебови. На крајот од филмот, еден од работниците, очајнички, му се обрати на новиот капиталист: „Ти си тој што треба да ја смисли работата, а јас сум тој што неа ќе ја сработи… дај ми ја мојата машина зашто јас знам што треба да правам со неа“.

ОСТВАРУВАМЕ – А НИКОГАШ ПОМАЛКУ НЕ СМЕ ОСТВАРИЛЕ

И, еве сме, по 23 години транзиција во нашава реалност, сè уште во ран капитализам, назад еден цел општествен поредок! Уште неколку години нашите стечајци ќе влезат во третата доба, ако ги држи здравјето. Тие станаа отпадок на „модерното“ време, во кое сè е автоматизирано и модернизирано и во кое се бориме со нив и за нив, ставајќи „лајк“ на Фејсбук под фотографијата на остарениот и измачен работник со солзи во очите. Остваруваме – а никогаш помалку не сме оствариле.

Проблемите на граѓаните и поранешните работници не се проблеми на оваа власт, тие неа не ја интересираат. Што да прават тие, да бараат азил во некоја друга земја што ќе ги третира како луѓе? Власта не ја интересираат ни младите што заминуваат со куфери полни младост, сила и иднина зашто во оваа небиднина не гледаат надеж дека може да биде подобро. Оние што остануваат овде, „гордо“ молчат, (не)работат и − гласаат. Овде дури и мртвите дисциплинирано гласаат. Зашто нивните гласови власта повеќе ја интересираат од оние на живите што таа ниту може, ниту сака да ги преброи.

Под ова наше небо само власта е горда. Таа се гордее со себе, со своите партиски членови, гласачи, бизнис-партнери и тендер-бизнисмени, споменици, фасади и лаѓи, со својот антички корен. Другите, кои не спаѓаат во ова гордо друштво, можат слободно да заминат или да се упокојат или само да сонуваат за една друга − поинаква Македонија. Зашто над оваа Македонија, денес, се раѓа едно ново сонце, под кое нема слобода и место за сите!

Поврзани новости