Под кои услови Ковачевски излегол од сопствеништвото на „Пиксел Груп“?

Увидот што го изврши „Фокус“ во досието на компанијата во Централниот регистар покажа дека премиерот Димитар Ковачевски му го отстапил уделот на кумот Горанчо Паунов без надомест.

by Фокус

Актуелниот премиер Димитар Ковачевски го отстапил уделот во компанијата „Пиксел груп“ бесплатно во корист на неговиот кум Горанчо Паунов, кој денес е единствен содружник и воедно управител на друштвото, покажува увидот што го изврши „Фокус“ во регистарската влошка на компанијата во Централниот регистар.

Оваа компанија за производство на апарати за дистрибуција и контрола на електрична енергија е основана кон крајот на 2017 година, со основна главина од 5.000 евра. Според извршената проценка на основните средства, се работи за непаричен основачки влог, што се состои од бироа, фотелји, плакари, мобилни телефони, смарт-телевизори…

Во договорот за основање на друштвото се наведува дека добивката меѓу содружниците ќе се дели според нивното учество во основачкиот влог. Со оглед дека двајцата косопственици Ковачевски и Паунов поседувале по една половина од основните средства, членот 12 од договорот пропишува дека секој ќе добива по 50 отсто од добивката на друштвото.

Арно ама, 3 години подоцна, т.е. кон крајот на 2020 година, доаѓа до промени во сопственичката структура на компанијата. Тогаш, дадени се изјави, донесена е одлука и склучен е договор со кој Ковачевски му го пренесува уделот претставен преку непарични средства во вредност од 2.500 евра на Паунов без никаков надомест.

ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ЛИКВИДНИ СРЕДСТВА

Всушност, Ковачевски се повлекува од сопственичката структура на„Пиксел груп“ кога станува заменик-министер за финансии во владата на СДСМ предводена од Зоран Заев кон крајот на 2020 година, кога од самата компанија соопштија дека тој повеќе „нема никакви удели ниту интереси“.

Кога ВМРО-ДПМНЕ ја отвори темата за компанијата и нејзиното работење во овој период, откако Ковачевски претходно го наследи Заев на лидерската позиција во СДСМ и на премиерската функција, тој пак изјави дека ги повлекол „своите средства“, но се споменува „продавање на уделите“.

Со преземањето на политичка функција како заменик министер за финансии јас си ги повлеков своите средства од „Пиксел груп“, компанија во која сум бил основач и сум бил горд на тоа. Со продавањето на уделите јас таму немам ниту било какви интереси ниту било какви обврски во однос на работењето или управувањето на таа компанијарече Ковачевски.

Фактот дека Ковачевски му го отстапил уделот на Паунов без надомест беше споменат и за време на вчерашната собраниска седница посветена на пратеничките прашања од страна на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски, кој го праша Ковачевски дали станува збор за таен удел или за избегнување на данок?

Во однос на тоа, Ковачевски одговори дека кога станал заменик министер ги повлекол, како што рече, ликвидните средства и го отстапил уделот. Воедно, тој го повика Петрушевски ваквите обвинувања да ги каже надвор од говорница, за да не се затскрива зад пратеничкиот имунитет, по што опозицискиот пратеник настапи на едно телевизиско интервју, каде рече:

Ако го погледнеме анкетниот лист, после 2020 година откако истапува од компанијата, единствен приход му е депозит на сметка од 3.750.000 денари. Тоа се парите кои ги добил за остапување на удделот. Тоа значи дека компанијата вреди 7,5 милиони денари. Фирма која вреди 7,5 милиони евра добила од државата преку 12 исплати над 31 милион денари буџетски пари…“.

Според финансиските извештаи на „Пиксел груп, во годините кога Ковачевски бил содружник, односно во 2018, 2019 и 2020 година, компанијата остварила вкупни приходи од околу 2,7 милиони евра, додека за овие три години била остварена вкупна добивка од околу 140 илјади евра.

Што се однесува до изминатата 2021 година, кога единствен сопственик е Паунов, компанијата бележи драстичен раст во приходите, кои лани достигнуваат 2,8 милиони евра, а добивката изнесува 434 илјади евра, или повеќе отколку во трите претходни години заедно.

ПРОДАЖБА ЗА БАГАТЕЛА

Исто така, и Христијан Мицкоски го напушти бизнисот откако стана лидер на опозицијата. Како што своевремено пишуваше „Фокус“, Мицкоски излезе од сопственичката структура на компанијата „Енерготек“, продавајќи го уделот во друштвото со концесија за мали хидроцентрали за сума од 700 евра.

Всушност, тој во јули 2019 година склучил договор со кој го пренесува уделот од 7 проценти кон Жан Чупаркоски од Прилеп, по што Мицкоски, според договорот, нема никаква права, обврски или идни побарувања од друштвото, а Чупаркоски ќе учествува во добивката и ќе ја покрива загубата, сразмерно од вложениот основачки влог.

Претходно, Мицкоски во јавните настапи велеше дека го продал уделот во компанијата, но не откриваше за која сума го направил тоа, единствено истакнувајќи дека „бил на своето“.

Како што е познато, „Енерготек“ е компанија за издавање и управување со сопственик недвижен имот, формирана во 2014 година, од страна не неколку содружници, меѓу кои Мицкоски, двајцата негови блиски соработници Димитар Димовски и Орце Тодоровски и други.

Неколку месеци по формирањето, „Енерготек“ заедно со струмичката нафтена фирма „Минка ДА“ на Драги Василев формираат конзорциум со назив „Минка-Енерготек“, чиј управител е Стефан Трајковски, со кој, патем речено, Мицкоски своевремено бил партнер во „Фонко Хидро“.

Токму учеството на „Минка“ во конзорцимот, како што пишувавме, било клучно за да бидат исполнети потребните услови и критериуми за учество во постапката за доделување на три концесии за изградба на мали хидроцентрали во Пехчево.

Откако „Минка-Енерготек“ ги добива концесиите како единствен учесник во постапката“, „Минка“ од доминантен станува малцински содружник на сметка на тукушто формираната „Енерготек“.

Всушност, станува збор за концесија за период од 20 години за хидроцентрала на реката Брегалница со капацитет од 868 киловати и за две хидроцентрали на Клепалска река со капацитет од 180, односно 313 киловати.

Влатко Стојановски

Поврзани новости