АРХИВА Како Мицкоски и партнерите добија концесии за три хидроцентрали?

by Фокус 12:22
12:22

Текстот е објавен на 02 ноември 2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1204

Откако власта предводена од СДСМ долго време го прозиваше опозицискиот лидер Христијан Мицкоски да одговори како станал косопственик на хидроцентрали за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски деновиве обелодени дека ги отуѓил уделите од 7 проценти, притоа повикувајќи ги тоа да го сторат и премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев. Кога оваа тема стана актуелна пред една година, Фокус пишуваше на кој начин компанијата поврзана со Мицкоски ја стекнала концесијата за изградба на 3 мали хидроцентрали во Источна Македонија. Имено, вмровскиот лидер до неодамна беше косопственик на „Енерготек“ заедно со неговиот соработник Димитар Димовски, првиот човек на „Витаминка“ Сашо Наумоски и други луѓе, која формирала конзорциум со струмичката „Минка-ДА“, која всушност овозможува заедничкиот субјект „Минка-Енерготек“ да ги исполни условите од јавниот повик, особено во поглед на висината на приходите. Но, сепак, по завршувањето на целиот процес, „Минка-ДА“ се повлекува од конзорциумот па бизнисот му останува само на „Енерготек“…

- Advertisements -

Пишува Влатко СТОЈАНОВСКИ

Како одговор на обвинувањата на опозицијата дека владата на Зоран Заев му доделила земјиште на вицепремиерот Кочо Анѓушев за изградба на хидроцентрала, од владејачкиот СДСМ посочија дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски добил концесија за изградба на неколку хидроцентрали во време на претходната влада на Никола Груевски, чиј советник за енергетика беше токму Мицкоски. Како што е познато, Мицкоски подоцна го замени Груевски на челното место на ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно ја извршуваше функцијата генерален секретар.

Ако во прв момент овие напади кон актуелниот опозициски лидер може да се стават во контекст на секојдневната меѓупартиска битка за оцрнување на противникот и сопствен политички профит, која се базира на обвинувања кои не упатуваат на законски прекршувања, туку пред се на неетички дејства, тогаш тие добиваат сосема поинаква димензија и тежина доколку дојдат од некој сопартиец, некогашен пријател или близок соработник. Во таква ситуација, изворот тешко може да се дискредитира како што е случајот при меѓупартиска препирка.

Имено, ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков, во отвореното писмо што го испрати до Мицкоски по повод исклучувањето во партиските органи поради гласањето на неколку вмровски пратеници за иницијативата за уставни измени, меѓу другото, го прашува како успеал како универзитетски професор да дојде до неколку хидроцентрали токму за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ? Се разбира, станува збор за реторичко прашање, кое изразува обвинување дека била користена власта за одредени привилегии.

Без оглед на мотивите и позадината на ваквите напади, тоа бездруго го пројавува интересот за одговори на прашањата во кои компании Мицкоски има или имал удели, кои се неговите партнери и соработници, колку хидроцентрали изградиле тие и каде се лоцирани? Но, од особена важност е прашањето дали Мицкоски бил на јавна служба во време кога компаниите добиле концесија, склучиле договор, стекнале земјиште, обезбедиле дозволи и лиценца…? Постојат ли одредени злоупотреби, маневри или прекршувања?

САМО ЕДЕН ПОНУДУВАЧ Е ДОВОЛЕН

Според Законот за водите и Законот за концесии и јавно приватно партнерство, концесијата за стопански дејности преку користење на водите ја дава владата. Првично, владата започнува постапка за доделување на концесијата, по предлог на Министерството за животна средина, изработена во согласност со Водостопанската основа на РМ и плановите за управување. Исто така, за предлогот е потребна согласност и од министерствата за земјоделство, економија, транспорт и врски, oдбрана, култура, внатрешни работи, како и Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата.

Согласно посочената регулатива, предметот на концесија треба да содржи место и период за кој се доделува, критериуми врз основа на кои се врши изборот на најповолната понуда, како и правила врз основа на кои се спроведува постапката. Како критериуми за избор на најповолната понуда се наведени квалитетот, техничките, естетските, функциониналните и еколошките карактеристики, како и највисокиот понуден концесиски надоместок. Се предвидува дека елементите на критериумите треба да бидат дефинирани во јавниот повик.

Врз основа на ваквите законски одредби, во јануари 2014 година, Министерството за животна средина објави јавен повик за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија од сливовите на реките Вардар, Треска, Брегалница, Струмица и Црн Дрим. Повикот им дозволуваше право на учество на сите домашни и странски правни лица, кои требало да достават потврди за регистрирана дејност, биланс на состојба и успех за 2011, 2012 и 2013 година, потврди дека против нив не се води стечајна постапка…

Покрај тоа, во јавниот повик стои дека некои концесии се однесуваат за една хидроцентрала, додека некои хидроцентрали се нудат во пакет преку една концесија, така што вкупно требало да се спроведат 48 постапки за 80 хидроцентрали. Патем, понудувачите можеле да дадат понуди за една или за повеќе локации, односно за една или за повеќе групи локации, но не повеќе од една понуда за една локација, односно за група локации. Притоа, немало никакви ограничувања во поглед на конкуренцијата, од проста причина што минималниот потребен број способни понудувачи кои можат да поднесат понуда по локација е само еден.

ЛИЧНИ ПРИЈАТЕЛИ, БИЗНИС-ПАРТНЕРИ, ПОЛИТИЧКИ СОРАБОТНИЦИ

Покрај останатите, на овој повик учествувала компанија каде малцински сопственик е актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, кој претходно им беше советник за енергетика на екс премиерите Груевски и Емил Димитриев, како и директор на државната компанија за производство на струја – ЕЛЕМ. Всушност, оваа компанија формирала конзорциум со друга компанија, која добила концесија за изградба на хидроцентрала на реката Брегалница со капацитет од 868 киловати, како и концесија за изградба на две хидроцентрали на Клепалска река, од кои едната е со капацитет од 180, а другата од 313 киловати. Сите се наоѓаат во реонот на Пехчево.

Впрочем, конзорциумот го формирале „Минка“ ДА од Струмица и „Енерготек“од Скопје. Според податоците од Централниот регистар, „Енерготек“, која е формирана во мај 2014 година за издавање и управување со недвижен имот со основна главнина од 10.000 евра, е распоредена меѓу 6 косопственици. Најголем содружник со влог од 3.600 евра е генералниот директор на прилепска „Витаминка“ Сашо Наумоски, по кој следуваат Орце Тодоровски со влог од 2.200 евра, Димитар Димовски со влог од 1.400 евра, Трајче Николоски со влог од 1.200 евра и Мицкоски со влог од 1.000 евра. На крајот, најмал удел од 600 евра поседува Стефан Трајкоски, кој воедно е и управител на друштвото.

Оттука, Мицкоски учествува со мал процент во сопственичката структура на компанијата, каде партнер е со некои пријатели и соработници. Како што е познато, тој е добар пријател со Тодоровски, додека формално соработува со Димовски, кој порано беше раководител на секторот за урбанизам и државен советник за урбанистичко планирање во Министерството за транспорт и врски за време на министерувањето на Миле Јанакиески, а по политичките промени и лидерската смена во ДПМНЕ стана член на партискиот Извршен комитет. Згора на тоа, опозицискиот лидер уште одамна е бизнис-партнер со Трајкоски.

Моментално, Трајкоски е управител и косопственик на компанијата за инжинерство и техничко советување „Фонко Хидро“, заедно со Војдан Трајковски. Историјатот на друштвото покажува дека прв сопственик на оваа компанија е „Фонко ИНТ“, која ја формирала „Фонко Хидро“ само 4 дена пред да падне во стечај кон крајот на 2010 година. На средината на 2012 година, пак, нов газда на „Фонко Хидро“ станува Милан Тасевски, за во ноември истата година на негово место да дојдат Трајковски и Мицкоски. Партнерите во „Енерготек“ биле единствени косопственици на „Фонко Хидро“ се до септември 2015 година, кога Мицкоски излегува од компанијата и во април истата година станува советник во премиерскиот кабинет.

КОМПАНИЈАТА ШТО ГИ ОВОЗМОЖУВА КОНЦЕСИИТЕ СЕ ПОВЛЕКУВА

Така, Мицкоски и неговите содружници во „Енерготек“ формирале конзорциум со струмичка компанија, кој практично учествувала во постапката за добивање концесија за изградба на три хидроцентрали. Тоа е компанијата „Минка“ – ДА, формирана во 2002 година за трговија на мало со моторни горива и мазива. Единствен сопственик на фирмата, чија главнина изнесува над 60.000 евра, е струмичанецот Драги Василев, кој е и управител на друштвото, во чии рамки функционираат подружници за бензиска пумпа, угостителски објект… Дополнително, „Минда“ ДА како правно лице и Василев како физичко лице се и биле поврзани и со други компании.

Податоците што ги обезбедивме покажуваат дека „Минка“ – ДА се јавува како основач на компанијата за трговија на големо со цврсти, течни и гасовити горива „Минка – Оил“, формирана во 2011 година, кога добива лиценца за трговија на големо со сурова нафта и нафтени деривати во времетраење од 10 години. Кон крајот на годината, „Минка“ – ДА ја формирала и компанијата „Минка – Транс“ за товарен патен транспорт. Исто така, Василев порано ја поседувал и градежната компанија „ДМ Оил“, која изгради објект од 10.000 квадратни метри во Прилеп во вредност од над 4 милиони евра, при што еден е деловен простор, а друг дел е катна гаража.

Што се однесува до соработката што „Минка“ ДА ја остварува со „Енерготек“ за изградба на трите хидроцентрали, таа е од исклучителна важност за добивањето на концесијата. Токму поради „Минка“ ДА, концорциумот се квалификува да учествува во постапките за концесија, со оглед дека еден од условите во јавниот повик налага заинтересираните компании во 2011, 2012 и 2013 година да имаат вкупни приходи од најмалку 500 евра по киловат час, што во превод значи да имаат приходи од над 434.000 евра за хидроцентрала на Брегалница, односно најмалку 246.500 евра за хидроцентралите на Клепалска река. Ако се знае дека „Енерготек“ била новоформирана компанија, произлегува дека овој услов бил исполнет благодарение на „Минка“ ДА, која, според финансиските извештаи, во трите години остварила приходи од над 12 милиони евра.

Поради концесиите за изградба на хидроцентралите, здружените „Минка“ ДА и „Енерготек“ во август 2014 година ја формирале компанијата „Минка-Енерготек“. Првично, „Минка“ ДА поседувала повеќе од половина од уделите во заедничката компанија, но во 2017 година доаѓа до пренос, така што „Енерготек“ стекнува 99 отсто од главнината во „Минка-Енерготек“, претставени преку основна главнина од 620.000 евра. На тој начин, „Минка“ ДА на почетокот била носечка компанија во конзорциумот, играјќи клучна за задоволување на условите од јавниот повик, но откако административните процедури и градежните зафати завршиле, се повлекла на сметка на „Енерготек“.

ДОГОВОР ЗА КОНЦЕСИЈА, ЛИЦЕНЦИ ЗА РАБОТА И ИЗГРАДБА НА ОБЈЕКТИТЕ

Според објавите во Службен весник, владата на ВМРО-ДПМНЕ на први август 2014 година донела одлука со потпис на тогашниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески за доделување концесија на „Минка-Енерготек“ за користење вода за производство на електрична енергија на реката Брегалница и на Клепалска река за период од 23 години од склучувањето на договорот за концесија, при што 3 години се предвидени за изградба на централата, а 20 години за работа. По истекот на овој период, приватните стопанственици се обврзани да ги предадат хидроцентралите на државата.

Според одлуката, концесионерот треба да и плати на државата еднократен надоместок од над 11 милиони денари за двете концесии, како и годишен надоместок во висина од 2 проценти од остварената просечна цена на произведената електрична енергија. Според информациите со кои располагаме, овој конзорциум бил единствена заинтересирана страна за двете концесии, па како единствен учесник во постапките доставил понуда од по идентични 92.500 евра за двете концесии. На крајот, нвината понуда била прифатена бидејќи владата оценила дека се исполнети условите од јавниот повик и тендерската документација.

Врз основа на тоа, конзорциумот на „Минка“ -ДА и „Енерготек“ ја добива концесијата за трите хидроцентрали во август 2014 година, по објавен јавен повик на почетокот на годината. Ако „Минка“ – ДА е компанија со повеќе од 15-годишно искуство, чии финансиски резултати биле пресудни за концесијата, на крајот доминантен содружник во заедничката компанија „Минка-Енерготек“ станува „Енерготек“, која е формирана во мај 2014 година. Тоа е само 3 месеци откако е објавен јавниот повик за доделување 48 концесии за изградба на 80 хидроцентрали, а само 3 месеци пред да ја добие концесијата за три хидироцентрали заедно со „Минка“ – ДА. Како и да е, набргу потоа „Минка-Енерготек“ потпишува договор за концесија, ги обезбедува потребните лиценци за работа и ги гради хидроцентралите.

Поточно, „Минка-Енерготек“ склучува договор за концесија со Министерството за животна средина во мај 2015 година, кога воедно стекнува привремен стаус на повластен производител на електрична енергија. Веќе во јуни 2016 година компанијата добива лиценци од Регулаторната комисија за енергетика за производство на електрична енергија за период од 25 години за трите хидроцентрали, иако, како што се наведува во одлуките, објектите не се изградени и немаат употребна дозвола. Арно ама, регулаторот донел одлука за стапување на сила на овие лиценци во август за двете хидроцентрали на Клепалска река и во ноември за хидроцентралата на Брегалница, откако инвеститорот доставил извештај за извршен технички преглед од страна на надзорен инжинер.

РАЗИЈДУВАЊА И ПОКЛОПУВАЊА СО СОВЕТНИЧКАТА И ДИРЕКТОРСКАТА ФУНКЦИЈА

Значи, една година по формирањето на „Енерготек“ и 8 месеци откако конзорциум со „Минка“ – ДА ја добил концесијата за изградба на 3 хидроцентрали во Пехчево, Мицкоски му станува советник за енергетика на Груевски. Арно ама, еден месец откако бил назначен на оваа позиција, во април 2015 година, „Минка-Енерготек“ го склучува договорот за концесија со Министерството за животна средина во мај истата година, а подоцна во текот на годината компанијата добива согласност од владата за закуп на земјиште за изградба на централите. Непосредно пред Мицкоски да биде именуван за директор на ЕЛЕМ во октомври 2016 година, регулаторот издава лиценци за работа на централите, а стапувањето во сила на една од нив го потврдува откако тој веќе управувал со државната компанија.

Иако Мицкоски не бил владин советник и функционер кога конзорциумот на „Минка“ – ДА и „Енерготек“ ги добил од владата двете концесии за изградба на три хидроцентрали, од СДСМ сметаат дека класичен судир на интереси претставува фактот што Мицкоски бил советник на премиерот во време кога заедничката компанија на конзорциумот „Минка-Енерготек“ го потпишала договорот за концесија и добила под закуп државно земјиште, независно што тоа е поврзано токму со концесијата. Социјалдемократите јавно го прашаа вмровскиот лидер дали знаел дека Владата на Груевски ќе објави јавен повик и дали однапред ги договорил концесиите?

Реагирајќи на ваквите обвинувања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека поседува 7 проценти од акционерски капитал на три хидроцентрали во вредност од 3 милиони евра, што претставува 200.000 евра, кои, како што рече, ги заработил пред да влезе во политиката. Од неговата партија објаснуваат дека ги добиле концесиите транспарентно, на јавен повик на кој не се јавила ниту една друга компанија. Целокупната инвестиција, според опозициската партија, е реализирана со 20 отсто сопствени средства на инвеститорите и 80 отсто кредитен заем. Од таму додаваат дека за се уредно е платен данок.

Во врска со оваа тема и за сите прашања и дилеми што се наметнуваат, „Фокус“ стапи во контакт со Мицкоски, кој се согласи да ни одговори на неколку прашања по електронски пат, меѓу кои како ја остварил соработката со партнерите во „Енерготек“, како оваа компанија се здружила со „Минка“ ДА за концесиите, зошто одлучил да излезе од сопствеништвото на „Фонко Хидро“…? До затворањето на овој број од весникот на добивме одговори.

Поврзани новости