Почнува собраниската расправа за предлог-буџетот за 2021, поднесени се 528 амандмани

by Fokus

Собраниската расправа по Предлог-буџетот за наредната година почнува од денеска во матичната Комисијата за финансирање и буџет. Согласно Деловникот на Собранието, во Комисијата може да трае до 10 работни дена, потоа со дополнување, доколку има прифатени амандмани, ќе се расправа на пленарна седница.

На владиниот Предлог-буџет се поднесени 528 амандмани, од кои најголемиот дел од ВМРО-ДПМНЕ – 390 и останатите од Алијанса на Албанците и Алтернатива.

Владата го усвои Предлог-буџетот на 11 ноември, а министерот за финансии наредниот ден, на 12 ноември, го достави до Собранието, предавајќи го официјално на претседателот на законодавниот дом Талат Џафери.

Буџетските приходи со предлогот се проектирани на 212,6 милијарди денари или за 8,3 отсто повеќе во однос на вториот ребаланс на буџетот за 2020 година. Расходите за 2021 година се проектирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1 отсто пониско ниво од расходите предвидени со вториот ребаланс на буџетот за 2020 година. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 34,8 милијарди денари или 4,9 отсто од БДП, што е за 3,6 процентни поени помалку во однос на проектираниот буџетскиот дефицит за 2020 година.

Во фокусот на овој буџет се заздравување на економијата, забрзан раст, заштита на здравјето на граѓаните, на работните места, на стопанството, кратење на неприоритетните трошоци и подобра реализација на капиталните расходи.

Очекувањата се дека ефектите од рестриктивните мерки поради пандемијата во следната година ќе ослабнат и се очекува растот на економијата да достигне 4,1 отсто и 4,6 отсто во 2022 година.

Од Владата оценија дека предложениот буџет е за економска стабилност и забрзан раст, со долгорочна фискална консолидација за 2021-2025 година.

-Предлог Буџетот за 2021 година, обезбедува одржливост, рационализирање на трошењата со оптимизација на расходите на јавната администрација и дигитализација на јавните услуги, како и прецизни проекции со цел ефикасно справување со епидемијата. Дополнително, обезбедена е буџетска резерва и во случај на продолжено траење на пандемијата, рече премиерот Зоран Заев на заедничка прес-конференција со министерот за финансии на која го претставија предлог-буџетот.

Министерот за финансии Фатмир Бесими наведе дека со овој буџет се почнува нов концепт.

-Кога се подготвуваше буџетот за 2021 пристапивме согласно концептот на СМАРТ финансии. Планираме стратешки, подолгорочно и одговорно, воедно планираме тоа да биде одржливо, реформски и транспарентно. Планиравме паметно. Се консултиравме со деловната заедница, експерти, универзитетски професори, Делегацијата на ЕУ, Светска банка, ММФ, меѓународната заедница и останати општествени чинители. Со овој буџет почнуваме нов концепт, одиме подалеку од фискалната година од 12 месеци и ја менуваме со петгодишна рамка. Оваа среднорочна рамка го опфаќа растот, дефицитот, јавниот долг, како и капиталните проекти – кои вообичаено се реализираат во повеќе буџетски години и немањето среднорочна рамка е една од причините за послабата реализација, рече Бесими.

Со овој буџет предвидена е стратегија за заздравување на економијата и забрзан раст или SmartER Growth, политики за буџетска консолидација од 2021 до 2025 година и план на јавни инвестиции 2021-2025.

 

Поврзани новости