Најголема инвестиција во македонската преносна електроенергетска мрежа, вредна 50 милиони евра, која е од огромно регионално значење, вака премиерот Зоран Заев ја најави изградбата на трансформаторска станица Охрид која со влез и излез ќе биде поврзана на новиот 400 киловолтен интерконективен далекувод Битола, Македонија и Елбасан, Албанија.
Проектот се очекува да биде завршен во 2023 година, а опфаќа изградба на 400-киловолтниот далновод Битола (Македонија) – Елбасан (Албанија) во должина од 97,4 километри, изградба на 400/110 киловолтна трансформаторска станица и изградба на 400-киловолтно далекуводно поле во трансформаторсата станица Битола 2.
Премиерот Заев истакна дека оваа капитална инвестиција е од огромна важност за градење поразвиена и постабилна енергетска инфраструктура во земјава и во регионот.
-Со поставување на камен-темелникот на овој капитален објект почнува реализацијата на 400-киловолтниот далновод Битола (Северна Македонија) – Елбасан (Албанија), како дел од Коридорот 8. Со оваа инвестиција, во полна функција ќе биде ставен електроенергетскиот коридор исток – запад што значи транзит на струја од Бугарија, преку Северна Македонија и Албанија до Италија, нагласи Заев.
Покрај премиерот Заев, на настанот се и министрите за транспорт и врски и за економија, Благој Бочварски и Крешник Бектеши, заменик-министерот за енергија и индустрија на Албанија Илир Бејта, генералниот директор на Електропреносниот систем оператор на Албанија, Скерди Дренова, како и генералниот директор на АД МЕПСО, Куштрим Рамадани.