Стотици илјади купувачи на автомобили од „Фолксваген“ покренаа судски процес пред Вишиот покраински суд во Брауншвајг против германскиот автомобилски гигант поради измамата со издувни гасови.
Купувачите бараат да бидат обештетени поради манипулативниот софтвер вграден во автомобилите на „Фолксваген“ со дизел мотори, кој покажува погрешно ниво на издувни штетни материи.
Судот допрва ќе оценува колкава е претрпената штета, додека од „Фолксваген“ тврдат дека купувачите не претрпеле никаква штета и продолжуваат да ги користат своите автомобили.
Инаку, употреба на софтвер кој манипулира со нивото на издувните податоци е спротивно на германските закони.
Тужителите во процесот се претставувани од Федералната канцеларија за заштита на потрошувачите и од германскиот автомобилски клуб АДАК. Тие претставуваат околу 470.000 клиенти на „Фолксваген“.
Групацијата „Фолксваген“ веќе исплати казни од неколку милијарди долари во САД, каде беше откриен скандал со манипулација со вредноста на штетните издувни гасови во 2015 година.