Искрено со Росана Сариќ – Тодоровска: Кога отидов кај Александар ми се разбудија пеперутките, нема враќање назад!

by Fokus

Росана Сариќ – Тодоровска, омилениот естраден лик на многу генерации, по долги години пауза повторно се враќа на сцената. Таа ќе настапи на фестивалот на забавни мелодии ,,Макфест” во Штип на 11-ти октомври со песната ,,Спомени” која за неа ја компонираше Александар Митевски.

Тодоровска, која е позната по својата скромност, ненаметливост и едноставност долги години наназад работи како комерцијалист и нема настапено на фестивал. Нејзините хитови кои ги отпеа со својата сестра Маријана дури и пред неколку децении, и ден – денес се актуелни, а на социјалните мрежи неретко обожавателите знаат да и порачаат – Росана, врати се на сцената! Околу тоа како решила повторно да застане на фестивалската сцена, за ,,Фокус” таа раскажува дека се се случило спонтано, без претходни планови и неочекувано дури и за неа.

-На своја иницијатива се повлеков од сцената поради повеќе причини. Долга приказна е тоа… Поради мојата скромност и почит кон истата сцена, јас молчев… Секојдневно слушав прашања и коментари, зошто ме нема, како недостигам на сцената, сфатив дека луѓето ме сакаат, а поголемо од тоа нема! Но, гледајќи ги нештата последните години, како функционира нашата естрада, едноставно не се пронаоѓав таму.

Паузата од ,,Макфест” е навистина долга, поминаа години. Исто и фестивалот на народни песни ,,Валандово” како и ,,Макфест” ми е посебно драг, оставивме посебен печат со евергрините засекогаш. Кам бекот, односно мојот настап на претстојниот ,,Макфест” се случи непланирано, но за мене ова учество ќе биде посебно – раскажува Росана. Додава дека неодамна и се јавил композиторот Александар Митевски, кој и кажал дека има песна за неа која мора да ја слушне. По кратко двоумење се согласила, и отишла да види за што станува збор.

-Веднаш штом Митевски ми ја пушти песната ми се појавија пеперутките во душата! Сфатив дека песната навистина е за мене, шлагер од некои времиња… Се пронајдов во песната, немаше враќање назад, ја прифатив. Потоа решивме да се пријавиме на ,,Макфест”. После толку години, на мое огромно задоволство со една мала доза на резерва ќе пеам една фантастична балада, со искрен и реален текст, каде покрај младите настапувачи и останатите жанрови ќе се обидеме да го вратиме барем малку времето на шлагерот – вели Тодоровска.

Композиторот Митевски ќе биде дел од фестивалот и со уште една песна, која ја ќе ја изведе заедно со актерот Драган Спасов – Дац. Ова ќе биде еден вид и на негово враќање на фестивалите, од кои паузира речиси 20 години. -Учеството на фестивалот многу ме радува и ми буди емоции со право, по сите овие години, а за мене емоциите значат живот. Со Господ напред – порача Росана.

Поврзани новости