Управата за јавни приходи има подготвено налози да влезе во 20 невладини организации и да го проверува нивното финансиско работење. Освен во Фондацијата Отворено опшество, финансиски контроли ќе се вршат и во Хелсиншкиот комитет за човекови права, Младинскиот обрзовен форум, Македонски центар за европско образование, Метаморфозис и во петнаесетина други. Сите овие организации пари за своето работење обезбедуваат од Фондацијата Отворено опшество, како и од УСАИД и странски амбасади. Контролите од УЈП следуваат откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во таканаречениот проглас на партијата, наведе дека треба да се спроведе „десороизација“ и дека ќе се пристапи кон „регулирање на финансирањето на невладините организации“.
Според извршната директорка на Фондацијата Отворено опшество-Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, ова е обид да се задуши граѓанскиот сектор. Вели дека ова е првпат по 25 години постоење на Фондацијата, УЈП да испраќа финансиска контрола, иако станува збор за непрофитна ораганизација која нема апсолутно никаква причина да затајува данок.
-Со оглед на периодот во кој се случува оваа контрола на Управата за јавни приходи, односно во предизборие и сега, и со оглед на тоа дека станува збор за орекестирана акција во 20 невладини организации кои секогаш се будни и кога е потребно реагираат критички на одлуките на власта, се буди сомнеж дека станува збор за обид да се врши притисок брз граѓанското општество со цел да се задуши прогресивното граѓанско движење. За целото наше финансиско работење и за изворите на финансирање поседуваме соодветна документација и се чувствуваме сигурни и подготвени да ја дочекаме контролата од УЈП и да расчистиме со ова, изјави Каранфилова-Пановска за „Фокус“.
Таа заклучува дека ова е оркестирана хајка против невладиниот сектор и доколку Никола Груевски остане да раководи со државата, тогаш тоа може да има сериозни последици по граѓанскиот сектор и меѓународните донатори.
Налозите за финасиска контрола во 20 невладини организации биле издадени во предизборорието, односно на почетокот на декември, а сега организациите се во исчекување кога инспекторите од УЈП ќе им тропнат на врата. Од УЈП пак, велат дека ова било во согласност со нивните законски овластувања и немало врска со тековните политички случувања.
-Во конкретниот случај е постапено по барање од Ноември 2016 година на друго државно тело, кое има надлежност да покренува иницијатива за контрола на финансиско-материјално работење, одговорија од УЈП.
„Фокус“ праша и дали вакви контроли кои се во согласност со нивните законски надлежности се спроведени во организациите како Здружение за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушодари од Лерин, Здружение на припадници на безбедносните сили БЕДЕМ, Горанско друштво и Федерација на фармери, кои во текот на изборната кампања потпишаа меморандум за соработка со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на што УЈП одговори дека не може да даде такви инфомации, бидејќи тие имаат третман на даночна тајна.
Катерина Смилева