Почивајте во мир медиуми, ВМРО – фала ти!

by Fokus

Згаснуваат дневникот весник Дневник, порталите Телеграф.мк, Вест, Утрински и списанието Теа – е веста која што денес на своите социјални профили ја пренесоа дел од медиумските работници во овие медиуми. Сите медиуми се дел од медиумската куќа МПМ. 

За тоа дека наведените медиуми нема повеќе да постојат ни потврдија и голем број на новинари во истите, кои што својот револт го изразуваат на социјалните мрежи.

Потврдуваат дека од утре веќе нема да излегува Дневник, но и порталите ќе престанат со работа. ,,Почивај во мир Дневник, Вест, Утрински, Телеграф, Теа… ВМРО – фала ти!” – пишува познат новинар вработен во еден од порталите кои се затвораат, на својот Фејсбук профил, по повод веста дека е ставен клуч на врата на овие весници и портали.

,,Директорот Александар Динев не извести сите вработени дека од утре сме на одмор. Ни беше кажано дека одморот ќе ни трае до крајот на месец јуни, а платата за мај ќе ни биде исплатена најкасно до наредната среда. За јунската плата, не се знае дали и кога ќе ја добиеме.

Во изминатиов период сите бевме свесни дека финансиската состојба во овие медиуми не е сјајна, но не се надевавме на ваков крај. Над сто вработени ќе останат на улица! И она што е јавна тајна помеѓу вработените, е секако тоа дека политиките на ВМРО доста влијаеа за ваквиот исход на медиумите” – ни изјави еден од засегнатите новинари, додавајќи дека на новинарите им е направена огромна штета.

,,Цели семејства се оставени на цедило! Каде да бараат работа овие новинари сега? Да работат во пекари? Ова е дело на мешањето на политиката во работата на новинарите, а штетата е голема за цела Македонија” – додава тој.

Вики Клинчарова

Поврзани новости