ВМРО-ДПМНЕ: Нема никаков бункер, спроведени се минималните стандарди за безбедност

by fokus

„Никаков бункер не е направен, туку при реновирањето спроведени се минималните стандарди за безбедност. Објектот и пред реновирањето имаше блиндирани стакла во канцеларијата на премиерот, што е нормална заштита за таков вид на објект“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, откако во емисијата 360 степени, емитувана на телевизијата Алсат, беше објавено дека од партијата изградиле бункер со блиндирано стакло, боци со кислород, дебели челични врати.

„Очигледно СДС и медиумите блиски до нив продолжуваат со дефокусирање од вистинските теми и СДС сака помалку да се зборува за теми како името, ставовите околу оваа тема, а повеќе за евтин популизам и за тоа каков бил ентериерот на владата, притоа манипулирајки и изнесувајки грст лаги.

Напоменуваме дека објектот во два наврати беше цел на напад со фрлање бомба од далечина, односно беше гранатиран. Ентериерот, и она што е потребно за обезбедување на минимална безбедност, како и целокупниот објект останува во трајно наследство и сопственост на Република Македонија“, се вели во реакцијата.

Од партијата посочуваат дека граѓаните не сакаат лицемерие туку работа, и остварување на ветеното.

Поврзани новости