Професорот Томе Груевски, кој зад себе остави бројни генерации новинари, синоќа почина по кусо и тешко боледување во Скопје во 70 година од животот.
Томе Груевски е роден во Смилево, Битолско, (1949), новинар и универзитетски професор по комуникологија, новинарство и односи со јавноста, прв доктор по комуникологија во Република Македонија и основоположник на студиите по односи со јавноста во Македонија. Дипломирал на Филолошкиот факултет (1972); магистрирал на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања (1989) и докторирал на Правниот факултет (1995) во Скопје. Уште од средношколските години се оддал на новинарство, во времето на студиите бил соработник, уредник и главен уредник на в. „Студентски збор“, а подоцна и директор на НИП „Студентски збор”. Покрај тоа, бил и главен уредник на списанието за општествена теорија и критика „Дијалог“. Бил соработник на емисиите „Бранови на младоста“ и „Студентски паралели“ на Радио Скопје а потоа бил и соработник на Третата програма на Македонското радио. Професор на Студиите по новинарство, медиуми и комуникации и односи со јавноста на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и професор на постдипломските студии на Групата за комуникации при Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Повеќе години беше професор на Универзитетот „Свети Климент Охридски“, на Педагошкиот факултет во Битола и на Факултетот за јавна администрација, на сите степени на студии. Автор е на триесет и пет книги: учебници, научни трудови и студии од областа на историјата, теоријата на новинарството, комуникологијата и односите со јавноста, како и повеќе публицистички и новинарски трудови.
Членство во професионални и невладини организации и асоцијации: Член на Претседателството на Универзитетската конференција на ССММ и Претседател на Комисијата за информирање, во два мандати, (1978-1982); Член на Сенатот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје;-во два мандати; Секретар на Здружението на новинарите на Македонија, (1982, 1983 и 1984); Потпретседател на Здружението на издавачите на Македонија, (1985 -1987). Македонско научно друштво Битола од1997; Член на Советот за радиодифузија на Република Македонија (2006-2013); Претседател на „Студиорум“, Центар за регионални истражувања и соработка, Скопје.
Добиени награди и признанија: Прва награда на Фестивалот на радиото на ЈРТ во Охрид, (1978) заедно со целата новинарска екипа за контактна емисија на програмата „Бранови на младоста“ на Радио Скопје; „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, од областа на публицистиката (1983); „Новинарско перо“ (1986), награда на Здружението на новинарите на Македонија; Награда на издавачите и книжарите на Република Македонија (1999); Награда „4 Ноември“ на град Битола (1999); Награда на в. „Битолски весник“ -„Најуспешни битолчани“ (2007). Во 2018 бешше прогласен и за почесен член на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид. Во соработка со оваа установа д-р Груевски ги промовираше двете книги посветени на охриѓанецот Константин С. Шахов а на 18 март годинава д-р Груевски на покана на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Општина Охрид говореше на настанот посветен на „185 години од раѓањето и 110 години од смртта на Кузман Шапкарев“. Д-р Груевски беседеше на тема: „Журналистичката и публицистичка дејност на Кузман Шапкарев“. Најверојатно, за жал тоа беше и неговото последно официјално појавување и обраќање во јавноста.
Објавени трудови: Јавното информирање во Македонија, Скопје, 1991; Системот на јавното информирање во Македонија, Скопје, 1992; Преглед на македонскиот печат (1885–1992), Скопје 1993 (со коавтор Боро Мокров); Современиот печат во Македонија (1944-1994), Скопје, 1995 (две изданија); Историја на новинарството, кн. 1 и 2, Скопје, 1999; Теорија на новинарството, Скопје, 2000; Комуникациите и културата, Скопје, 2004; Историја на новинарството, Скопје, 2005; Култура на говорната комуникација, Скопје, 2006; Односи со јавноста, Скопје, 2007 и 2011; Комуникологија, 2011; Комуникологија на масовни медиуми (2012), коавт. со д-р Зоран Костов; Комуникологија на жанрот, 2013; Собрани дела „Комуникологија“ 2015, Коста С. Шахов Публицистика, кн 1. (2017), Константин С Шахов Книжевност кн. 2 (2018). Томе Груевски е автор и на два аудио учебници наменети за читатели со посебни потреби. Автор е на „Односи со јавноста“ и на учебникот „Историја на новинарството“.