Почина професорот Ѓорѓи Марјановиќ

by Fokus

Почина универзитетскиот професор Ѓорѓи Марјановиќ. Тој подолг период имаше здравствени проблеми.

Марјановиќ дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1962. Магистрирал на постдипломските студии по казнено-правни науки на Правниот факултет во Загреб во 1968 со тезата: “Правните последици на осудата”. Докторирал на Правниот факултет во Скопје во 1973 со тезата “Правната положба на осуденикот по издржаната казна”.

Сиот работен век, освен приправничкиот стаж (1962-1964) во Основниот суд-Скопје II, го поминал на Правниот факултет во Скопје: асистент (1965-1974); доцент (1974-1979); вонреден професор (1979-1985) и редовен професор (1985-2001).

По воведувањето на повеќепартискиот систем ја основа и е избран за претседател на првата опозициона партија во Македонија – Лига за демократија (од 21 ноември 1989 година, кога ја напишал нејзината политичка платформа). На чело на партијата е до 2006 година, кога по парламентарните избори, се повлекува од функцијата претседател на Лигата за демократија.

Познат е по своите колумни во „Дневник“, а по локалните избори 2005 година е советник во Советот на град Скопје.

Поврзани новости