Професионален војник во саботата рано наутро, некаде по 1 часот, починал токму во моментите кога требал да замине од стражарското место каде извршувал работна задача. Војникот имал 37 години и според армискиот портпарол Мирче Ѓорговски му се слошило, по што со армиско возило веднаш од Еребино бил пренесен во Клиничкиот центар во Тетово каде само му се констатирала смртта.
На барање на јавниот обвинител телото веднаш го прегледал лекар по судска медицина кој ја исклучил можноста војникот да починал од насилна смрт. Точната причина за несреќниот случај ќе се знае деновиве откако телото ќе биде на испитување во скопскиот Институт за Судска медицина.
Ѓорговски потенцира дека војникот бил примен здрав на работа и редовно ги посетувал систематските прегледи и ги дематира информациите дека војникот починал од прегумерен ангажман. АРМ потенцира дека ќе направи сѐ да му помогне на семејството на починатиот.
Од АРМ за денеска најавуваат соопштение за несреќниот случај.