По кратко боледување синоќа почина Ристо Поповски, доајен на македонското новинарство.
Поповски (1945-2018) беше основач на првата приватна новинска агенција на Балканот Макфакс, еден од иницијаторите за формирање на медиумската платформа на ЦИВИЛ – Центар за слобода, а бил и уредник во новинската агенција Танјуг.
Новинарската кариера ја почнува во Радио Скопје каде работел од 1965 година како волонтер, а од 1970 година таму се ангажира и професионално. Од 1974 година до 1992 година е во Танјуг, најпрво како новинар, а потоа и како шеф на македонската редакција на Тајнуг. Бил дописник во Москва во време на историските промени на почетокот на деведесетите години.
Во 1992 година ја основал независната новинска агенција Макфакс и бил коментатор на неделникот Глобус, дневниот весник Слободен печат, како и коментатор од Македонија за Алџезеира.
Поповски долги години беше активист на ЦИВИЛ – Центар за слобода. Добитник е на наградата за животно дело на Здружението на новинари на Македонија.