Почина Мерима Његомир: За пет години роди четири деца, сама ги одгледа по разводот!

by Fokus

Регионот денес се разбуди со веста дека популарната фолк пејачка Мерима Његомир (69) ја изгубила битката со болеста, рак на панкреас, и тоа само по десеттина дена откако за јавноста откри низ што минува.

Пејачката која што со децении беше дел од сцената, позната по многубројните хитови, но пред се и скромноста, беше честа гостинка и кај нас, на повеќе фолк фестивали. Иако секогаш избегнуваше да зборува за својот приватен живот, сепак, за нејзиниот животен пат, често се пишуваше во медиумите.

Родена во Зрењанин како Мерима Куртиш, таа сосема случајно запловила во естрадните води, уште како млада девојка. Најпрвин започнала да пее во кафеана, повеќе од забава, за пријателите, а подоцна кога увидела дека публиката ја сака, направила свој репертоар и започнала со редовни настапи. Нејзиниот талент не останал незабележан, па започнале да пристигаат понудите за снимање на авторски песни, гостувања на фестивали, освоени награди и признанија.

Кога е во прашање личниот живот на Мерима, за нејзината љубов со Милан Његомир, со кого започнала врска на 21 година, додека тој бил околу 15 години постар од неа, се пишуваше многу. Стапиле во брак во 1979 година и за пет години таа му родила четири деца, три ќерки и еден син.

-Љубов на прв поглед, среќна сум што имам многу паметен и згоден сопруг, знаеше да каже Мерима, која не ја запостави музичката кариера дури и во периодот кога беше бремена во своите деца. Настапуваше постојано, во континуитет, а паузите по породувањето и траеа само по неколку месеци.

Сепак, иако постојано раскажуваше дека има идиличен брак, таа се разведе од сопругот по 16 години брак, а сите четири деца останаа со неа. По разводот нејзиниот сопруг започна врска со нејзината пријателка, пејачката и ТВ водителка Сузана Манчиќ, но Мерима потенцираше дека тој е татко на нејзините деца, своевремено бил нејзин избор за животен партнер, и никогаш не кажа лош збор за него. Дури и го продолжи пријателството со Сузана, која по некое време ја прекина врската со Милан.

Нејзините колеги ја опишуваа како борбена мајка, која без ниту еднаш да се пожали, храбро ги одгледала четирите деца и ги извела на прав пат, овозможувајќи им да растат во топол дом. Заработувала исклучително од музика и не и бил лесен животниот пат како самохрана мајка, а достоинството секогаш и било најважно. И кога гостуваше во Македонија во минатото, во своите изјави секогаш беше умерена и појаснуваше дека нема место за сензации и скандали, ниту пак било кога сакала да се најде во центарот на вниманието поради настани поврзани со нејзината приватност.

-Прашајте ме за музиката, за песните, концертите, но не и за тоа како приватно живеам, зошто се разведов, дали имам партнер. Никогаш не сакам да бидам дел од тој таблоиден живот, не сум јас за тоа – ни изјави пред десеттина години, кога беше гостинка на наш фолк фестивал.

За последните денови од нејзиниот живот, српските медиуми објавија дека ги минала опкружена со своите четири деца. Зад себе остави 24 студиски албуми и низа на емотивни песни, а во Македонија последен пат гостуваше на Охрид Фест во 2018 година, кога за песната ,,Подај само рака” ја освои третата награда од публика.

Вики Клинчарова

Поврзани новости