По долго боледување, на 76-годишна возраст, почина актерот Салаетин Билал, доајенот на НУ Турски театар.
Од 1964 година Билал работи во Турската драма при Театарот на народностите – сегашниот НУ Турски театар Скопје каде со голема посветеност одигра голем број на улоги се до пензионирањето во 2007 година, но и потоа беше ангажиран во проектите во продукција на Турскиот театар.
Паралелно играше и во претстави на Албанскиот театар, во некогашниот Театар „Пралипе“, во независни проекти, во Македонскиот народен театар, во Драмскиот театар.
Седумдесет театарски ролји на македонските професионални сцени, 40 телевизиски и филмски улоги ја одбележуваат неговата респектабилна кариера.
Посветен на театарот како личен предизвик Билал се обидува и како режисер, потпишува режии на четири претстави, преведува драмски текстови и бил директор во еден период.
Бројни се неговите актерски остварувања: Себастијан (Дванаесетта ноќ, 1966), Врабец (Џумбус,1969), Јасон (Медеја, 1973), Слугата (Слуга на двајца господари, 1974), Хаџи Тома (Коштана, 1978), Хасанага (Хасанагиница, 1979), Омер (Омер и Мерима, 1979), Д. Б. (Дамокловиот меч, 1983), Хлестаков (Ревизор, 1985) Аздах (Кавкаски круг со креда, 1989), Кара Мустафа паша (Лудиот Ибрахим (1999), Дон Жуан (Дон Жуан, 2000), Максим Бродски (Р. Р.Р., 2001), Редарот во театарот (Министерот и јас, 2002), Вториот цариник (Куќа на граница, 2002), Ур Шабани (Гилгамеш, 2004), Алонсо (Бура, 2004),
Тересија (Цар Едип, 2004), игра во Тимон од Атина (копродукција на Народниот театар во Битола, Турската драма и Laboratorio Nove − Фиренца, Италија (2005), Џо Келер (Сите мои синови, 2012) Периплектомен (Војникот фалбаџија, 2014), Пук (Сон на летната ноќ, 2015)
Во Детскиот театарски центар − Скопје во претставите Новиот сосед (2004) и Небо без рамка (2005), во Албанскиот театар играл во Полковникот птица (2007) и во Аквариум (2006). За Старецот во Аквариум ја доби наградата Златна маска на весникот „Вечер“ за најдобро актерско остварување на Охридското лето 2006.
Салаетин Билал е добитник на наградите: на списанието „Екран“ за најдобар актер во 1976 – за ликот на Ахмет Нурудин во Дервишот и смртта, 13 Ноември за Хаџи Трајко во Коштана (1977), 11 Октомври за А. Б. Во Дамокловиот меч (1983), две „Војдан Чернодрински“ за Ахмед Нурудин (1976) и за Аздах во Кавкаски круг со креда (1990), за епизода „Димче Трајковски“ за улогата Нуман во претставата Стари фотографии (Прилеп, 1993), наградата за животно дело (2014).
Билал снима и филмови: Најдолгиот пат (1976), Пукајќи се троши олово и Време води (1980), Полноќно сонце (1982), Македонска сага (1993), Зад непријателската линија и Ангели на отпад (1995), Џипси меџин (1997), Одмазда и Прашина (2001), Чекор пред времето (2003), Андер и Илузија (2004), Стапица (2006), Сенки (2007), Мајки (2010), Трето полувреме (2012), Балканот не е мртов (2013), Херој (2013) и До балчак (2014).
Голем број на ролји во телевизиски серии и драми: Волшебното самарче (1975), Итар Пејо (1977), Илинден (1982), Белото Циганче (1984), Солунски патрдии (1986), Тврдокорни (1988-1992), Македонски народни приказни (1994) и уште многу други.
Погребот на Салаетин Билал ќе биде денеска во 13.30 часот на градските гробишта Бутел по петочната молитва – џамија Бутел.