На 90-годишна возраст денеска почина академик Георги Старделов, поранешен претседател на МАНУ, еден од столбовите на македонската филозофска мисла и наука. Веста за неговата смрт ја соопштија од Македонската академија на науките и уметностите и Филозофскиот факултет.
По повод смртта на академик Старделов, Македонската академија на науките и уметностите и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе одржат заедничка Комеморативна седница на 13 јануари (среда) 2021 година, во 10 часот, преку видеоконференциска врска со употреба на интернет-комуникација.
Тој е познат како филозоф, естетичар, есеист, литературен критичар и антологичар. Завршил Филозофски факултет, група филозофија, на Белградскиот универзитет (1953), а постфилозофски студии минал на повеќе германски универзитети (Минхен, Фрајбург и Франкфурт). Докторирал филозофски науки (1965) на тема Развиток на естетиката кај јужнословенските народи.
Бил професор на Филозофскиот факултет во Скопје (1956 – 1996), негов декан (1975 – 1977), прв декан на интердисциплинарните студии по новинарство (1977 – 1981), претседател на Друштвото на писателите на Македонија, претседател на Македонскиот ПЕН центар, претседател на Друштвото на филозофите на Југославија и на Македонија, член на Европската академија на науките и уметностите, а почесен член е на Асоцијацијата на шпанските уметници при Шпанската кралска академија и гостин професор на повеќе европски и американски универзитети.
Негови дела и трудови се преведени на повеќе странски јазици. За неговиот севкупен творечки опус на Филозофскиот факултет во Скопје е одбранета докторска дисертација под наслов „Естетичките, културолошките и литературнокритичките концепции на Георги Старделов“ (1977). Член е на МАНУ од 1986 година. Бил нејзин потпретседател (2000 – 2004) и претседател (2008 – 2011). Основач е и раководител на Лексикографскиот центар на МАНУ од основањето (2000).