Вонредна состојба на југот на Србија, поплавени дворови, подруми, патишта

by Фокус

Вонредна состојба е прогласена ја југот на соседна Србија поради обилните врнежи од дожд во претходните два дена, кои предизвикаа излевање на реките на териториите Лесковац и Власотинце, при што поплавени се домови, подруми, но и земјоделски земјишта.

На целата територија на градот Лесковац голем проблем е излевањето на канализацијата, особено во селата Доње Синковце, Винарце, Прибој, Залужње и Печењевце, каде што се поплавени и патиштата.

Според градоначалникот на Лесковац и командирот на Штабот за вонредни состојби, Горан Цветановиќ, сите расположиви екипи се на терен и моменталната состојба е стабилна.

Поплавите не ја заобиколија ниту Општина Гаџин Хан, каде беше прогласена вонредна состојба поради излевањето на реката Кутина, изјави претседателот на таа општина, Милисав Филиповиќ.

Во некои села, водата ги потопи патиштата и ги поплави подрумите на куќите и шталите, посочи тој и вети дека Општината ќе ги покрие штетите што ги претрпе локалното население.

Излевањето на реките Јужна Морава и Врла во општина Владичин Хан поплави куќи во некои села, што претставува голема материјална штета за поединци, вели претседателот на општината Горан Младеновиќ.

Поради поплавите, од денес е вонредно и во општините Бојник и Дољевац, додека во текот на ноќта и денот имаше поплавени куќи и дворови во областа на областите Пирот, Јабланица и Пчиња.

Поврзани новости