По вторпат за една година опериран Зоки Фаци:Канцерот е сериозен противник!

by Fokus

Новинарот и ТВ водител Зоран Василевски, познат како Зоки Фаци, вчера бил опериран во Државна болница, на Одделот за реконструктивна хирургија. Денес, за ,,Фокус” вели дека се чувствува добро, и раскажува детали за неговата борба со канцерот, со цел да ја подигне јавната свест за значењето на редовните лекарски контроли, но и да им даде поддршка на сите кои минуваат низ тежок период, водејќи битка со подмолната болест.

-Ова беше една година полна со искушенија, кога многупати си го поставив прашањето – Зошто? Си го поставив и прашањето – Зошто баш јас? Одговорот кој сам ми доаѓаше во мислите беше – А зошто да не? Канцерот не избира возраст, не избира време, секој од нас може да се најде на удар на оваа болест. Мојата битка започна сосема случајно, пред една година. Додека работев во двор ја повредив ногата, забележав дека на местото ми се појави некој израсток, како топче. Не поминуваше, па отидов кај матичниот лекар. Добив препорака кои медицински препарати да ги користам, но немаше ефект. Продолжија моите посети на лекар, и на крај се испостави дека имам агресивен вид на канцер, а операцијата беше веднаш закажана.Токму тие лекарски прегледи мислам дека ми го спасија животот. Да не отидев на време, да не го сфатев сериозно израстокот на ногата, како што многумина од нас најчесто не придаваат значење на промените на телото, не знам дали денес ќе бев жив – раскажува Василевски.

Вели дека првата операција лани ја направил доктор Боро Џонов, специјалист по општа хирургија и суперспецијалист по пластична и реконструктивна хирургија. Му било извадено ткиво кое било тешко дури 750 грама. Со целосна анестезија, операцијата поминала во најдобар ред и тој постепено започнал да се враќа на стариот начин на живот и да функционира без проблем. Редовно одел на контроли, а на последната контрола резултатите покажале дека канцерот пак се вратил.

-Си помислив дека уште една борба е пред мене, со еден сериозен противник. Канцертот не е за потценување, и тргнав напред со позитивна мисла. Првин сакав да заминам на клиника во Турција и таму да се оперирам, но доктор Џонов не сакаше да слушне. Ми рече дека со него почнав, со него и ќе го завршам ова лошо животно патешествие и дека заедно ќе се избориме против канцерот. Станува збор за агресивен вид, на кој не делува ниту хемотерапијата, но имав доверба во лекарите и во болничкиот персонал, имав верба во Бога, па по вторпат влегов во хируршката сала. Засега, резултатите се добри, прогнозите се ветувачки… Немам доволно зборови на благодарност кон д-р Џонов, кон специјализантот Благоја Србов, кон целиот персонал кој ми даде безрезервна поддршка, ветер во крилја и ме опкружи со искрена грижа. Тоа многу значи во вакви моменти, да се препуштиш во рацете на професионалци кои покажуваат искрена емпатија и кои со позитивен став прават да заборавиш на реалноста, да се сконцентрираш на убавите нешта и да бидеш смирен и релаксиран во една ваква хаотична состојба, кога е животот во прашање. Со збор смируваат, па дури и лекуваат, се чувствувам како да сум во некоја странска модерна болница, до толку е среден Одделот за реконструктивна хирургија, до толку се сите љубезни и посветени на својата работа- вели новинарот.

Додава дека оваа година сака да ја заборави што е можно побргу, бидејќи му донела многу немили настани кои го одбележале неговиот живот. Првин дознал дека има канцер, се оперирал, потоа починала мајка му, а набргу по неа и неговиот вујко. Потоа, кога дознал дека канцерот пак му се вратил, веќе започнал да паѓа со дух и да се прашува дали имаат крај лошите епизоди во неговиот живот.

-Сакам да верувам дека ова е крај на сите трауми кои ги доживеав во само една година. Да верувам дека ме чека нов почеток, дека болеста е зад мене. Многу ме израдува тоа што денес, во тек на целиот ден добивам безброј пораки со поддршка, причитав многу убави зборови од луѓе кои се загрижиле за мене и ми посакуваат здравје во животот. Ме трогна тоа што многу мои фанови дошле дури и во болницата, па медицинските сестри на секој половина час доаѓаат и ми носат подароци кои луѓе кои и не ги познавам ги оставаат за мене. Добив чоколади, добив многу мали подароци во знак на внимание кои за мене се само уште еден мотив за побргу да закрепнам. Тоа е она кое им е потребно на сите кои се борат со оваа лоша болест, да почувствуваат дека не се сами, дека имаат поддршка и разбирање, дека некому му се важни.Се надевам дека со оваа моја приказна ќе се подигне свеста за редовни контроли, кои многу често значат и спас. Јас иако се чувствував добро и немав никакви проблеми, сепак поради тоа испакнување на ногата заминав на преглед, превентивно, па се испостави дека така ми се спаси животот. Да се подигне свеста и за значењето на поддршката, не само од блиските, туку од целата заедница, да знаат и да почувствуваат оние кои се борат со канцер дека не се сами. Емпатијата и љубезноста да ни станат секојдневие, оти не знаеме кој каква битка води во животот, а убавиот збор и гест секогаш носат утеха и надеж – раскажа Василевски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости