Зад затворени врати, во последен момент премиерот Никола Груевски повикал преставници на Студентскиот и Професорскиот пленум на средба кај него во Владата за да разговараат за воведувањето на државниот испит на факултетите и новите законски измени во високото образование, иако пред еден месец добија зелено светло од пратениците од владејачката гарнитура неофицијално дознава „Фокус“. Средбата кај првиот човек во Владата треба да почне во 12 и 30 часот, со што се очекува, Груевски да ги „потсмири“ студентите откако тие начелно најавија окупација на факултетите.
Нашите извори коментираат дека, целиот договор одел преку ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски кој побарал од студентите и професорите да се сретнат со него, по претходен договор со Груевски. Како што неофицијално дознаваме, закажаната средба која требаше да се одржи во вторник, на 10 февруари меѓу МОН и УКИМ во последен момент е презакажана за денес. Дел од студентите се револтирани од ваквата постапка на премиерот, па дури се прашувале дали воопшто да отидат на средбата.
– Се јавил премиерот и свикал средба. Нема да успее да не убеди да се откажеме од нашите барања, туку само ќе му кажеме дека треба да се стави мораториум на законските измени. Ако не се соогласи со нашите барања, ние ќе си продолжиме со исто темпо да креваме галама – велат нашите извори.
Остануваат отоворени прашањата, која е причината што премиерот решил набрзина да организира средба и зошто толку му се брзало кога средбата меѓу МОН и УКИМ беше закажена за неколку денови? Дали последните случувања во државата се причина, Груевски да прекине со игнорантскиот однос кон студентите и да седне на заедничка маса со нив?
Освен студентите и професорите, на средба кај премиерот се скоро сите декани и ректорот на УКИМ. Пред неколку денови, Студентскиот пленум договори начелна окупација на Универзитетот, ако Владата и МОН продолжат со игнорирањето. Тие досега организираа три масовни протести, каде што на улица излегоа околу 10.000 студенти, средношколци, професори, родители…