Внимание, големиот брат снима, затворите се полнат, никој не сигурен!

by Фокус 12:34
12:34

arhivaТекстот е објавен на седми октомври 2011-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 849

Пишувал
Саше ДИМОВСКИ

Колку „слуша” и колку „гледа” популарно наречениот ГОЛЕМ БРАТ, или полицискиот апарат, кој открива и гони преку следење, набљудување, тајно снимање и прислушување? Многу! Барем така може да се заклучи од извештајот на Обвинителството за организиран криминал, кое дава преглед на употребените посебни истражни мерки (ПИМ). Од извештајот се гледа дека за околу 60 проценти од откриените кривични дела било наложено снимање, прислушување и тајно набљудување, оти МВР, според обвинителот, не можело на друг начин да дојде до доказите.

- Advertising -

Ако оперираме со бројки за извештајната 2010 година, на пример, само од поднесени кривични пријави против 265 лица од страна на МВР, пријавите против 142 лица биле поднесени по примената на посебните истражни мерки. Кон ова мора да се додаде дека МВР морала да го активира ГОЛЕМИОТ БРАТ да гледа и да слуша многу повеќе, за да може да ги обезбеди доказите во речиси 60 проценти од процесуираните случаи.

Покрај налозите обезбедени преку истражен судија, каде што станува збор за сторители со познат идентитет, кои треба да бидат опфатени со ПИМ (посебни истражни мерки), Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, во текот на 2010 година, како и во претходните години, го користело и инструментот следење и слушање и против “непознат сторител”, налози кои тие ги издаваат, но кои, според законот, не смеат да траат подолго од шест месеци. Па, по тој принцип, во  текот на 2010 година, посебните истражни мерки биле применети во  36 случаи.

ВИЕ НА РАБОТА, А ПОЛИЦИЈАТА ВИ ГО ОЗВУЧУВА СТАНОТ!

Од 36-те случаи, наведува обвинителот, во 14 случаи, против 99 лица со утврден и неутврден идентитет, на предлог на јавниот обвинител, од истражниот судија биле издадени 25 наредби за примена на посебна истражна мерка „следење на  комуникации и влез во дом и други простории, или во превозни средства, заради создавање услови за следење на комуникации”. Ова, наведуваат обвинителите било под услови и постапка утврдена во Законот за следење на комуникации, но прв пат се признава или јавно се презентираат податоци дека не само што тајно се снима или се прислушува, туку еве со судски налог МВР влегувала во домови на сомнителни граѓани, инсталирала „бубачки” и на тој начин граѓаните 24/7 биле под будното око на ГОЛЕМИОТ БРАТ. Тоа било направено и во возила и други работни или деловни простории!

Исто како вицот, нели – звучи шашаво, ама функционира! Замислете ја сега горчината што ќе се создаде кај сите кои, без да знаат, доаѓаат дома, а пред нив тука била полицијата, инсталирала камери и микрофони и шоуто може да почне! На крајот, во голем дел од случаите, немало докази за водење на понатамошна постапка, ама очигледно е дека некој имал одлични воајерски склоности, па се изнагледал сè и сешто!

Ако ја споредиме 2010 со 2009 година, тогаш на предлог на јавниот обвинител во 29 случаи истражниот судија издал наредби за примена на ПИМ и против 175 лица, што според самите обвинители претставува значително намалување на примената на мерката, а кое одело во  прилог, како што велат, „на фактот дека нејзината примена во извештајната година била максимално селективна и тоа само во случаите кога на друг начин не можело да се обезбедат докази”.

Во 2010 година, МВР до Обвинителството за организиран криминал поднело предлози за примена на посебните истражни мерки во 35 случаи, против лица со утврден и неутврден идентитет. Од нив јавниот обвинител во 3 случаи непосредно издал наредба за примена на овие мерки, а во 20 случаи во исто време обвинителот поднел и предлог за примена на ПИМ до истражниот судија за издавање на наредби за нивна примена  против лица со утврден и неутврден идентитет. Во 13 случаи и предлог до истражниот судија за издавање наредби за примена на мерките само против лица со утврден идентитет. Обвинителите тврдат дека трендот на следење и прислушување во 2010 во споредба со 2009 бележи  опаѓање, бидејќи во 2009 овие мерки биле применети во 64 случаи.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во 2010 година непосредно има издадено наредби за примена  на посебните истражни мерки во случаите кога  не се располагало со сознание за идентитетот на сторителите на кривични дела и тоа: тајно набљудување, следење и визуелно-тонско снимање на лица и предмети со технички средства во 13 случаи, привиден (симулиран) откуп на предмети, како и симулирано давање поткуп, симулирано примање поткуп во 11 случаи, контролирана испорака и превоз на лица и предмети во еден случај, користење на лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации или податоци во 10 случаи и регистрирање на привидни правни лица или користење на постојни правни лица заради собирање на податоци во еден случај” – заклучуваат обвинителите во анализата за примена на ПИМ.

Обвинителите, до истражните судии во Основниот суд Скопје 1, поднеле предлози за издавање наредба за примена на посебни истражни мерки, па во 14 случаи судиите издале наредби за следење на комуникации, влез во дом и други простории или во превозни средства, поради создавање на услови за следење на комуникации. Во пет случаи судиите издале налози за увид и пребарување во компјутерски систем, одземање на компјутерски систем или дел од него или базата за складирање на компјутерски податоци. Најмногу наредби, 27, судиите издале за  тајно набљудување, следење и визуелно-тонско снимање на лица и предмети со технички средства. Во 19 случаи, судијата издал наредби за привиден (симулиран) откуп на предмети, како и за симулирано давање поткуп или примање поткуп. Во четири случаи била издадена наредба за следење на контролирана испорака и превоз на лица и предмети.

ПРИКРИЕН АГЕНТ, ФОРМИРАНИ ЛАЖНИ ИЛИ ПОЛИЦИСКИ ФИРМИ!

Во 14 случаи доказите се собирале преку користење на лица со прикриен идентитет, за следење и собирање на информации или податоци. Во 2010 година забележан е и еден случај, помалку познат во македонската пракса, со налог на истражен судија да биде регистрирана фирма, како што ја нарекуваат правно, привидна или симулирана, та преку неа, преку нудење на разни фактури преку кои нема да се плаќа данок односно ќе се враќа ДДВ, без да се извршат услуги, се собирале податоци за други компании. Со налог на судија, според законот, тоа може да се прави и преку постоечки фирми, кои намерно ќе издаваат лажни фактури, договори и други документи, преку кои, пак, ќе се дојде до работата на фирмата која е под полициско-судска опсервација!

Од извештајот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се гледа дека од поднесените кривични пријави против 142 лица кои биле опфатени со примената на посебните истражни мерки, против 138 лица поднело барање за спроведување на истрага, против 3 лица дало предлози за преземање на определени истражни дејствија, а против едно малолетно лице била водена посебна постапка. По завршувањето на истрагите, обвиненија биле поднесени против 78 лица, за 3 лица биле дадени изјави за откажување од кривично гонење, за 2 лица биле поднесени предлози за прекинување на истрагата.

„Изнесените податоци укажуваат на тенденција на незначително намалување на обемот на работа, а тоа се должи на фактот што во 2010 година е намален бројот на поднесени кривични пријави од МВР, а и на помалку отстапени кривични пријави од  други основни јавни обвинителства. Како што може да се забележи од изнесените податоци, кај двата доминантни субјекти во  пријавувањето во однос на претходната година, е забележана тенденција на намалување на број на поднесени кривични пријави. Во 2010 година, со барање за спроведување на истрага, решени се пријави против 306 лица или 69,23 отсто, што во однос на претходната година претставува зголемување за 6 лица или 2,2 отсто, а во однос на 2008 година зголемување за 40 лица или 15,03 отсто. Истражниот судија при Основниот суд Скопје 1 Скопје, во 2010 година, постапувал и по нерешени истраги од претходната година против 111 лица, така што  вкупно во работа имал истраги против 417 лица, од кој број решени се истраги против 301 лице или 72,18 отсто, а на крајот на годината останале нерешени истраги против 116 лица или 27,82 отсто” – констатираат во Организиран криминал.

Од извештајот на обвинителите се добива слика и за притворот во Република Македонија, колку тој се предлагал, во кои случаи и колку бил прифатен од страна на судиите. Анализата покажува дека речиси сè што ќе предложеле обвинителите се прифаќало.  До истражниот судија биле поднесени предлози за определување на мерка притвор против 204 лица. Сите предлози од истражниот судија биле прифатени! Овој податок, за стопроцентен притвор по барање на обвинителот, остава простор за сериозна дебата. Од една страна, на прв поглед, треба да заклучиме дека има квалитетни пријави, полни со докази, па се определува притвор. Но, праксата нè убеди дека сите пријавени, всушност, завршуваат во притвор, а откако ќе завршат зад решетки, обвинителот и судот почнуваат да собираат докази. Тоа што ниту еден обвинет не ги видел доказите или не му биле предочени, оти ги немал добиено ниту судијата, покажува дека судиите мора ептен сериозно да се едуцираат за основите на притворот и за другите елементи за обезбедување на осомничениот, почнувајќи од гаранција, па завршувајќи со куќен притвор.

КУЌЕН ПРИТВОР САМО ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА СУДЕЊЕ

Во 2010 година била предложена и мерката куќен притвор спрема 13 лица. Во однос на 2009 година, кога мерката притвор била применета спрема 200 лица, обвинителот вели дека последната бројка на притворени од 2010 година, претставува незначително зголемување само за 4 лица или изразено во проценти – 2 отсто. Времетраењето на мерката притвор, што е определена спрема 204 обвинети, е до 30 дена за 71 обвинет, до 60 дена за 31 обвинет, до 6 месеци за 37 обвинети и над 6 месеци за 44 лица. Во текот на траење на притворот, на 55 лица тој им бил заменет со куќен притвор. Во 2010 година, на 13 лица им била определена мерка куќен притвор како обезбедување на обвинетите во текот на постапката.

Според ваквите бројки, самите обвинители тврдат дека „мерката притвор била применета спрема сторителите на најтешки форми на кривични дела за кои ова обвинителство постапувало”. Во 2010 година, притворот најмногу се применил за кривично дело Злосторничко здружување, како и  за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори  и организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење мигранти.

И покрај оценката на обвинителството дека се прислушувало, следело и се снимало селективно, односно само во случаи каде што не можело поинаку да се обезбедат доказите, снимките кои се гледаат низ судниците покажуваат сосема друга слика. Па така, обвинет за примање мито и за злоупотреба на службената положба во една општина, на пример, е сниман како се шета или води љубов со пријателката. Слушани се разговори помеѓу новинари и други лица кои немаат директна врска со предметите. Голем број од доказите, собрани со следење и прислушување, се ковертирани од страна на судовите и извадени од предметот, бидејќи се прибавени на незаконит начин или немаат употреблива доказна вредност. На пример, полицајците на граничните премини беа снимани со наредба против непознат сторител, иако јасно е кој работи на преминот и кој полицаецот може да прими мито и да ја злоупотреби службената положба. Небаре обвинителството на ваков начин сакало да добие докази дека полицајците му дозволуваат на некој трет, непоканет, во нивно име, да зема рекет или мито на премините, за побрзо да помине одредено возило или побрзо да се исконтролираат патниците во автобусите.

Друг проблем е што нема кој да ги селектира доказите собрани со ПИМ, па во судниците е вистинско доживување кога се слушаат телефонски разговори или се гледаат цедиња, иако тие ретко кога имаат тон. Па така, ќе чуете каде има највкусна чорба, кој какви сексуални апетити има, кој колкава сексуална моќ има, која расте правопропорционално со позицијата и парите, до рецепти за готвење, а богами и сочни оговарања. И меѓу милионите докази од трач муабетите, ќе влета некој шифриран збор и – ете го доказот, тврди обвинителот! На такви докази заглавија најголемите предмети, кои беа толку споменувани по доаѓањето на Преродбата.

Но, тоа ќе биде наш посебен интерес за друга тема, каде што ќе ви претставиме дали навистина нема докази или доказите се неупотребливи. Или, пак, можеби во прашање е нешто трето. Како и да е, неизбежна е констатацијата од насловот, дека благодарение само на ГОЛЕМИОТ БРАТ, македонските затвори се полни!

Што се следело ем снимало
МЕРКИ ЗА ТЕРОРИЗАМ, ЗЛОСТОРНИЧКО ЗДРУЖУВАЊЕ…

Според статистиката на обвинителството, посебните истражни мерки биле применети во случаите на постоење на основано сомнение за извршување на кривични дела на корупција и организиран криминал и тоа: неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, злоупотреба на службената положба и овластување и противзаконито посредување во пет случаи, примање поткуп и противзаконито посредување во 2 случаи, перење пари и други приноси од казниво дело, даночно затајување и злосторничко здружување во 1 случај, злосторничко здружување во три случаи, недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи во еден случај,  злосторничко здружување и криумчарење во  еден случај, терористичка организација, тероризам, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста и здружување заради непријателска дејност во еден случај, како и поткуп, криумчарење, неовластено изработување, чување и тргување со оружје.

Слика за организираните
ГОНАТ КРИМИНАЛЦИ НА АМОРТИЗИРАНИ КОМПЈУТЕРИ СО ДЕЛУМЕН ПРИСТАП НА ИНТЕРНЕТ!?

Основното  јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, има 12 обвинители, вклучувајќи го и шефот. Им недостасува уште еден, според систематизацијата. Обвинителите се жалат дека немаат услови за работа, па го известуваат Собранието: “Ова обвинителство работи само со двајца советници од правна струка и еден дактилограф. Стечени искуства во работењето од претходните години го потврдуваат фактот дека бројот на извршителите ни оддалеку не одговара на обемот на работата, карактерот, тежината на криминалот, за кој е стварно надлежно да постапува и сложеноста на предметите. Во 2010 година работата на ова обвинителство дополнително беше усложена и од аспект на  просторна, материјално-техничка и финансиска состојба, по двајца јавни обвинители во една канцеларија, делумна поврзаност со интернетот со веќе амортизирани компјутери, а и обемот на предвидените финансиски средства и динамиката на нивната реализација не беше доволна”.

Конфискуван имот
ОДЗЕМЕНИ ПАРИ, ВОЗИЛА, ДРОГА, ОРУЖЈЕ

Во 2010 година со донесени првостепени пресуди била изречена конфискација на имотна корист во вредност од 860.062.933 денари,  1.050.000 американски долари, 5.216.000 евра. Со пресуди донесени во 2010 година, кои станале правосилни, одземени се разни видови на подвижни предмети, кои биле наменети за извршување на кривичните дела, и тоа: 21 возило, 65 мобилни телефони, 13.910 евра, 19.400 денари, 255 килограми хероин, 366 килограми канабис и семки од канабис, 2 комби возила, 3 товарни моторни возила , 3 полуприколки, 2 рачни бомби , 1 рачен фрлач , 1 митралез, 2 автоматски пушки, 3 пиштоли,  224 различни видови куршуми. Одземени се и поголем број количини на цигари и други подвижни предмети и исправи.

Перење пари
ЗАМРЗНАТИ ТРАНСАКЦИИ ОД 30 МИЛИНИ ДОЛАРИ

Меѓу покарактеристичните случаи на обвинителството, се и двата предлози за издавање на привремена мерка, запирање на трансакции на нерезидентна сметка на правно лице од САД во Комерцијална банка АД Скопје и како и предлогот за привремена мерка,  запирање на трансакции на сметка на едно правно лице во Комерцијална банка АД Скопје и тоа на парични средства во износ од 30 милиони американски  долари. Двата предлози биле прифатени од страна на истражниот судија.

Поврзани новости