Лешпер

by Фокус 13:13
13:13

Ние од Скопје, си имаме специфично поимање на зборот „лешпер“. Тоа е еден џамлиски термин (и понекои девојчиња во мое време играа џамлии за што добиваа епитет „машкуданки“), како што се „такса мааш“, „пипка трепка“, „ренту туриен“ или „спотер“. Џамлискиот лешпер игра на сигурно и те напаѓа само кога е сигурен дека ќе те победи, односно откако ќе го промашиш и ќе му се наместиш за сигурен погодок. Претходно се крие зад камчиња, зад нерамнини на теренот, се вкопува во дупчиња и секогаш е во близина на „шлајката“ (вдлабнатина во теренот за играње која ја правевме со вртење на ѓонот од кондурите) или „спие“ во неа, за да си обезбеди гратис гаѓање. Тој никогаш не рискира и не се впушта во непредвидлив исход.

Лешперите најчесто се и „илеџии“ (играчи кои не признаваат видни факти), односно „плачковци“ и со нив никој не сака да игра. Веројатно зборот „лешпер“ има турски корен и несомнено се однесува на некои негативни човечки особини. Во старата скопска џамлиска субкултура, да кажеш за некого дека е лешпер значи дека е педер (како табиет, а не како сексуална ориентација), цвикатор, готован, мрзливец, односно нешто многу блиску на карактерната особина „лешинар“ (мршојадец е нешто сосема друго), што се однесува на лице кое демне за да ќари на туѓи грешки, а самиот никогаш не е подготвен нешто да преземе или да влезе во ризик.

Се сетив на овој веќе подзаборавен термин од моето детство, гледајќи го трогателниот и срцепарателен говор на нашиот премиер на 31 јануари, при што на целата македонска јавност ѝ се пожали дека бил уценуван од лидерот на опозицијата. На едно место дури го кажа буквално следново: „Можеби многумина ќе речат дека не требаше да ја направиме оваа постапка, но има некои работи кои ниту еден совесен човек и политичар не смее и не може да ги игнорира. Таква работа е интересот на државата. Ве повикувам да се запрашате што би направиле на мое место?“

- Advertising -

Простете, ама претседател на Влада на една држава да плаче пред своите избирачи дека неговиот ривал бил „илеџија“, според мене, е лешпер. Лешпер е затоа што неговиот ривал не е на власт, нема никакви овластувања и ја нема одговорноста за судбината на државата, како што ја има премиерот. Лешпер е затоа што неговата функција, меѓу другото, подразбира и отпорност на секакви притисоци, со кои секојдневно се соочува секој политичар на светот. Лешпер е затоа што на еден крајно нефер начин го вмешува и граѓанството во неговите проблеми.

Сепак, најмногу ме испровоцира реторичкото прашање на премиерот срочено во форма на повик до јавноста: Што би направиле на мое место? Јас, како еден од запрашаните, би му одговорила дека на негово место би била барем малку похрабра.

Прво, нема лешперски да се кријам зад судските процедури и јавно ќе се соочам со Заев на место и во време кое тој ќе го одбере.

Второ, нема лешперски да се кријам зад некакви си „Граѓански здруженија за одбрана на Македонија од странски разузнавачки служби“, туку јас ќе си го понесам ризикот за тоа што ме обвинуваат.

Трето, нема лешперски да давам интервјуа кај Јанко или Миленко, туку на најопозициската телевизија ќе ги поканам најопозициските новинари и ќе одговорам на најнепријатните прашања.

Четврто, нема лешперски да го снимам разговорот со Заев и лешперски да го лиферувам до интернет-мрежата Јутјуб и тоа на лешперски начин со емитување на делот кој најмногу ми одговара.

Петто, нема лешперски да ја манипулирам целата македонска јавност со некакви си заговори на странски разузнавачки служби.

Шесто, јас ќе си ја преземам одговорноста за надминувањето на спорот со Грција и нема лешперски да се кријам зад некаков си народен референдум.

Седмо, ако студентите и професорите протестираат поради одредени мои постапки, ќе седнам да разговарам со нив и нема да формирам некакви си лешперски контра-пленуми.

Осмо, нема да се окружувам со министри-лешпери, со новинари-лешпери и со поддржувачи-лешпери, кои, утре кога ќе бидам сменет, први ќе ми го свртат грбот и ќе плукаат по мене.

Деветто, по ниедна цена, нема во Македонија да го форсирам лешперскиот критериум на партиска подобност и поделбата на „наши“ и „ваши“ и на „патриоти“ и „предвници“, затоа што со тоа правам злосторство врз својот народ и врз сопствената држава.

Десетто, нема да бидам лешпер.

Господине премиер на Република Македонија, еве ти десет одговори на твоето прашање – што би направила јас на твое место. Иако многу убаво знам дека напишаново нема ништо да ти значи, сакам да имаш на ум дека во оваа наша државичка, има граѓани кои се срамат од тебе. Да бевме врсници и да игравме џамлии, за ваквото однесување ќе јадеше еден тон „мацоли“.

П.н. Предлагам во Заклетвата која секој иден премиер, министер и пратеник ќе треба да ја поднесе пред Собранието на Република Македонија, да биде вметната и реченицата: Ветувам дека нема да бидам лешпер.

Гордана Попсимонова, универзитетски професор

 

Поврзани новости