По скандалот со „Дуна“, годинава пак „ИВОТЕ“ ќе ја работи апликацијата за изборните резултати

by fokus

По скандалот што се случи на изборниот ден на последните парламентарни избори на 15 јули лани, кога сајтот на ДИК падна и граѓаните не можеа да ги гледаат изборните резултати, во недела, локалните избори ќе се следат преку софтвер изработен од компанијата ИВОТЕ, којашто со години управуваше со тој систем.

Од Државната изборна комисија за „Фокус“ велат дека за овие избори тендерот го добила компанијата ИВОТЕ (IVOTE) којашто со години го одржуваше системот, но склучениот договор се уште не е објавен на Електронскиот систем за јавни набавки.

-Во однос на постапката за јавна набавка на набавка нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК за Локалните избори 2021 година, укажуваме дека оваа постапка се водеше преку ЕСЈН, и за истата имаше пристигнато односно поднесено само една понуда, и тоа од економскиот оператор ИВОТЕ ДОО Скопје. Со оглед на тоа дека имаше само еден понудувач, можеме да ја споделиме само цената на истиот која изнесува 4.00000. Во однос на критериумот за доделување на јавната набавка за софтверското решение, укажуваме дека истиот критериум бил и претходни. Склучениот договор со економскиот оператор ќе биде јавно достапен исто така во ЕСЈН, како обврска која произлегува согласно ЗЈН, велат од ДИК.

Веб-страницата на ДИК „падна“ во моментот кога требаше да почнат да се објавуваат резултатите, односно бројот на гласовите што ги добиле партиите од обработените избирачки места. На веб-страницата на ДИК, во делот резултати немаше ништо. Можеше да се прочита само неофицијални првични резултати од електронски внес и „Дуна“, компанијата која минатата година ја изработила апликацијата преку која требаше да ги следиме резултатите од минута во минута.

„АјВоут“, системот за управување на изборни процеси кој се користеше во ДИК од неговото формирање, од 2006 до 2019 година, експресно ја извести јавноста дека тие воопшто не се вклучени во изборниот процес.

Минатата година за надградба на софтверот, односно за апликацијата со изборни резултати, ДИК ја избрала компанијата „Дуна“, а постапката целосно завршила само неколку дена пред изборниот ден.

Обвинителството отвори постапка по допрен глас, откако по падот на сајтот се откри дека тендерот за софтверот еднаш бил поништен за потоа преку постапка со преговарање без објавување на оглас, надградбата на софтверот да ја добие компанијата „Дуна“. Потоа беше поднесено обвинение против поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, тројца вработени во ДИК и управителот на „Дуна“, под сомнение дека го оштетиле буџетот за над 1,3 милиони денари.

Сите се обвинети злоупотреба на службена положба и овластување која ја сториле при две јавни набавки. Од Кривичен суд за „Фокус“ велат дека судскиот процес е во тек и дека се е во фаза на доказна постапка.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости