По синоќешната страотна сообраќајка, МВР ќе поставува камери за надзор на сообраќајот

by fokus

Министерството за внатрешни работи изготува законски измени со цел да се воведе електронски систем во надзор на безбедноста на сообраќајот со поставување безбедносни камери, кои ќе можат да препознаат одредени прекршоци и директно да изрекуваат казни за сторителите со што ќе се намали еветнуалното влијание на човечкиот фактор и ќе се скрати времето на изрекувањето на казните.

Ова го изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој учествуваше на тркалезната маса за проектот „Безбедно дома“, а давајќи коментар на состојбата со сообраќајните несреќи, пред се вчерашната на булеварот „Борис Трајковски“ во која загинаа 21-годишно момче и 48-годишен маж.

Спасовски не прецизираше кога би се случиле законските измени, кои би овозможиле поставување безбедносни камери за сообраќајните прекршоци, но напомена дека во земјава е потребно подигнување на јавната свест и зголемување на сообраќајната култура.

-Сето ова покажува колку сите треба да бидеме свесни како се однесуваме во сообраќајот. Упатувам апел до сите граѓаните да помислат на своите деца кога седнуваат зад воланот, рече министерот за внатрешни работи.

Вчерашната несреќа, како што информира МВР, се случила околу 22 часот при судир на две возила „голф“ и „пежо“.

Во Скопје во изминатото деноноќие се случиле вкупно девет сообраќајки.

Поврзани новости