По само половина час се разгореа страстите кај пратениците па Милишоски побара пауза

by fokus

По само половина час од почетокот на денешната пленарна седница во Собранието, координаторот на една од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, побара пауза од еден час. Како што рече тој, на пратениците им е потребна пауза за да се смират страстите во парламентот.

-Антонио не ти е потребна пауза за ова, да продолжиме со работа – проба да го разубеди собранискиот спикер, Талат Џафери, за да продолжи парламентот непречено да работи, но Милишоски не се откажа од своето барање.

Прва точка на седницата е измените на законот за медицински студии, но пратеничката од СДСМ, Фросина Ременски, се наврати на настаните од 27-ми април годинава со упадот на демонстранти во Собранието. На тоа Милишоски одговори дека пратениците од СДСМ сакаат да ги разгорат тензиите и ги обвини за редовно кршење на Деловникот.

На денешната расправа се предвидени и трите закони од социјалниот пакет од Владата на Заев. Се очекува денеска да бидат донесени законите за минимална плата, обештетување на стечајците и укинување на радиодифузната такса.

Поврзани новости