Епископот Будимско-никшиќки Јоаникие и осум свештеници на Митрополијата Црногорско-приморска (МЦП) ноќеска, по полноќ, се ослободени од притвор, соопшти Митрополијата на својата интернет страница .
По неговото ослободување, владиката Јоаникие дојде пред насобраните граѓани пред зградата на обвинителството, кои го поздравија со паролите „да живее епископот“, „не ги даваме светилиштата“.
Епископот пред насобраните кажа дека нивната поддршка е израз на љубовта кон црквата, а МЦП целиот настан од Никшиќ го пренесуваше во живо на својата веб страница.
Свештениците беа приведени поради прекршување на забраната за јавни собири. На приведувањето му претходеше масовна литија во која учествувале неколку илјади граѓани. Забраната за јавни собири е на сила како мерка од Националното координативно тело за сузбивање на Ковид 19.
Жителите на Никшиќ и неколку други градови во Црна Гора, неколку дена по ред протестираа пред судот поради апсењето на владиката Јоаникиј и свештениците.