Шефицата на СЗО во Скопје: Не се опуштајте, може сè да падне во вода и да се вратиме на почеток

by Frosina Fakova

Почна олабавувањето на рестриктивните мерки, кои беа воведени со цел да се спречи ширењето на корона вирусот во земјава од почетокот на неделава. Со работа почнаа моловите, спортските обложувалници, автошколите, а преку центрите за едукација за возрасни може да се спроведуваат обуки и семинари. Се отвори Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје, а со работа почнаа и стоматолошките ординации.

Граѓаните беа под психолошки притисок изминатите два месеца од почетокот на епидемијата на Ковид-19, но по олабавување на мерките, кои имаат за цел постепено животот да се врати во нормала, граѓаните барем според она што можеме да го забележиме на улиците, по маркетите, не секогаш се придржуваат до препораките, носење маска, држење физичка дистанца…

Во сила остануваа задолжителнот носење маски во затворени простории и на отворено доколку не може да се одржи дистанца од два метри, но сепак глетката низ продавниците, маркетите, па и на отворено не е баш таква.

-Ќе биде грешка доколку релаксирањето на рестриктивните мерки на Владата се протолкува како крај на заканата од Ковид-19 и кризата со пандемијата. Релаксирањето се однесува на рестриктивните мерки, но тоа не значи и релаксирање на личната заштита, свесноста и внимателноста. Нешто што може да биде многу полошо и нешто што многу ќе ја чини Северна Македонија е доколку дојде до нагло појавување и зголемување на бројот на случаи со Ковид-19, само неколку дена по олабавувањето на мерките. Да се дојде до ситуација на повторно затворање би било покатастрофално за економијата и за заедницата отколку влијанието на првите рестриктивни мерки, вели за МИА шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје, Џихан Тавила.

Нагласува дека тоа би било показател оти сите позитивни резултати од последните два месеца со строги рестрикиции ќе паднат во вода и ќе се вратиме од почеток и додава дека властите, чинителите и граѓаните не смеат да дозволат тоа да се случи.

-Мојата главна порака до граѓаните на Северна Македонија е да издржат. Се чини дека се она што го прават дава резултати, не се опуштајте. Запомнете дека справувањето со пандемијата е на долг рок и ситуацијата ќе продолжи да се развива и во следните месеци. Ризикот на повторна појава и ширење на болеста ќе продолжи да постои и ќе треба да биде контролиран преку ригорозна примена на интервенции од јавното здравство додека вирусот циркулира во Северна Македонија и во околните земји, порачува Тавила.

Досега не се пронајдени фармацевтски производи за лекување на Ковид-19, а Тавила потенцира дека конечно развојот и доставувањето на некои безбедни и ефективни вакцини и терапии може да овозможат фазата на транзиција да не вклучува некои од мерките кои се потребни за да се одржува состојбата на низок степен на трансмисија. -Но, допрва треба да го посведочиме ова во непосредна иднина, вели таа.

Има повеќе причини, поради кои една земја прибегнува кон одлука за олабавување на мерките во борбата против Ковид-19. Сепак најважно е да се следи епидемиолошкиот репродукциски број (Rt), односно ефективниот број на секундарни случаи по еден случај на заразено лице меѓу популацијата. Rt треба да остане под 1 најмалку две недели за да може со сигурност да се каже дека епидемијата е ставена под контрола, а потоа да се прават напори да се одржува тоа ниско ниво.

Поврзани новости