По опасноста да се судрат, двете групи се повлекоа од Бутел

by Фокус

Активистите на ДУИ го растурија кампот поставен на местото каде што општина Бутел планира да изгради крст. Причината за тоа, според партијата, е денешниот ден познат кај православното население како Задушница и се повлекуваат за да им овозможат на православните христијани слободно да ги посетат гробиштата, но ќе продолжат инстиуционално да го решаваат проблемот. Ако ДУИ сега оди да го реши прашањето преку институциите нејасно е зошто одма не го повлече таквиот потег, туку предизвика тензии на терен кои пак, се продолжение на провокациите кои ги создаде Светкиот македонски конгрес со поставувањето камен темелник за крстот.

Паралелно со активистите на ДУИ, како по партиска наредба се повлекува и групата Македонци која организираше контрапротест за поддршка на изградбата на крст. На терен има само полиција, но во помал број.

Во немирите  кога група христијански верници се обидоа да го пробијат полицискиот кордон и кога не успеаја во тоа ги гаѓаа полицајците со тврди предмети, повредени се тројца полицајци. Двајца од нив се пренесени во Ургентниот центар со повреди на глава и рака. На третиот му е укажана лекарска помош на местото.

 

Сепак, за среќа не дојде до судир меѓу двете спротивставени групи. Ако се земат како точни информациите дека двете владејачки партии стојат зад предизвикувањето немири и тензии меѓу населението со цел внесување страв и дефокусирање од другите значајни општествени теми, јасно е дека и вчерашните протести биле внимателно организирани.

Како и да е, откако беше поставен камен темелникот на крстот настрадаа четири лица. Освен полицајците, претходно цел на напад беше Тодор Петров. Сега прашање е колку државата ќе има храброст кривично да ги гони напаѓачите кои се од редовите на ДУИ и да ги санкционира.

Поврзани новости