Бегајте, доаѓа шеријатот

by Фокус 23:40
23:40

Пишува х. Сулејман еф. Реџепи

Оваа колумна сум принуден  да ја напишам и да исправам една “грешка“ од минатата. Имено, во колумната “Крстоманија“, реков дека “поставувањето на крстот во Бутел е провокација за муслиманите…“. И, ја утнав, признавам.

- Advertisements -

Поставувањето на крстот да ти било нешто сосема друго, да ти било стратегија, план за да “се сочува и одбрани македонскиот Бутел и да се спречи владеењето на Шеријатот “. А ќе ги одбранел Македонците човечето што, очигледно, не може да се одбрани ниту себеси. Барем така кажува самиот по фејсбуци додека опишува како го тепале.

Дефинитивно не мислам дека некој треба да биде тепан поради своите ставови, но, исто така, мислам дека нечии ставови не треба да бидат утепани и дотепани. A токму таа треба да биде и ќе биде, иншалах, судбината на ставовите на оној што претендира со крст да ги штити скопските општини . Таквите ставови смрдат на омраза, дискриминација, национал-шовинизам, антиисламизам .

И, ќе беше многу едноставна работата ако сите оние блувотини што ги кажува човекот чии ставови треба да се утепаат, беа негови, ако тој самиот ги завиткуваше со патриотски целофан, со македонизам и христијанство. Ама се плашам дека тој е само фигура, нај обичен пешак што се жртвува од големите играчи при отворањето на играта.

Болничко рандеву

Гледав на телевизија, борецот што имал стратегија “против албанизирањето  на Бутел и на Македонија и против продорот на Шериатот“ бил посетен од бившиот ни премиер и од неговиот главноградски  градоначалник. На болните и тепаните секако им треба утеха, христијански е тоа. И исламски, се разбира.

Веројатно е коинциденција, ама, јавноста наша веднаш по болничкото рандеву, се запозна со една нова стратегијско-тактичка варијанта на бранителот на македонштината и православието. Тој, од болничкиот кревет пушти абер дека Глигоров и Црвенковски ги направиле Албанците 25 посто во државава, па сега тие прават што сакаат, “како да се во своја држава“. И, ја потсети јавноста дека со тие бројки тие секогаш ќе можеле да си бираат страна, па затоа треба да ги изброиме повторно ама да не испаднат повеќе од 13 посто. Така ќе се решела Македонија и од Албанците, и од муслиманите. Прости му Боже, не знае. И малку е заслепен од омраза.

Во оваа прилика сакам да потсетам дека секоја идеологија има свои екстремисти, но ако екстремистот е сам, тој паѓа во очи и многу лесно може да се елиминира. Ако тој е стопен во некое движење, со помош на пропагандата јавноста се привикнува на него и почнува да ги толерира неговите ставови. Од таквата толеранција потоа настануваат проблеми како овој во Бутел, таа толеранција се претвора во нетолерантност кон другите. А не треба да си некој познавач на конспиративноста за да знаеш дека постоењето и делувањето на екстремни поединци и групи, могу често им служи на некои “по високи цели“,  да не кажам дека е потикнувана и подржувана од одредени кругови во одредена држава.

Свесен сум дека некои, како и професорот Цуцуловски во една дебата пред некоја вечер, ќе кажат дека наместо да се држам до духовните води, навлегувам во политичките. Но, не е така. Јас се обидувам да ја одбранам духовноста од напливот на политиката, и тоа од политиката што бара поени за себе злоупотребувајќи ја верата, нејзините постулати и нејзините симболи. Се обидувам да укажам на опасноста што демнее зад експериментирањето со верските чувства на луѓето, особено кога тие експерименти предизвикуваат чувство на дискримираност кај една страна. Таков е случајот со крстот во Бутел и така го доживуваат скоро четириесет посто граѓани на Македонија ( Албанци, Турци, Бошњаци, Роми, Торбеши, и некои други муслимани).

Пасивноста ги охрабрува ектремистите

Реално гледано, и самите иницијатори за изградба на крстот во Бутел знаат дека со тој акт нема да постигнат ништо, особено нема“ да ги истераат Албанците и подржувачите на Шеријатот“. Но, тие  секако си пуштиа смс: Бутел е наш, Македонија е наша и христијанска, другите се малку и нема што да бараат тука…

Но пораката ја дешифрираа и “другите“ кои, пак, сосема правилно мислат дека Македонија е и нивна, дека е и исламска, дека колку се толку се, ама на свое се. Останува допрва да ја видиме и да ја доживееме разврската на проблемот предизвикан со еден непромислен чин, со еден политички крст што со својата грандиозност е замислен не како симбол на христијанството и на мирот Божји, туку како семе на раздорот.

Екстремизмот, драги пријатели, се искоренува  многу тешко бидејќи како бедем му служи идеологијата на која што се повикува и која што го оправдува неговото постоење. Во случајот Бутел, тој екстремизам не зависи од снагата на носителите бидејќи таа е објективно никаква. Но зависи, и тоа многу зависи од нашата совест, од нашата активност или пасивност, од тоа да ли ние ќе одлучиме да бидеме учесници во битката против ужасот што ни го сервираат или, пак, ќе бидеме неми наблудувачи.

Потребно ли е да се подсетуваме дека Исламот и Христијанството во овие простори живееле во хармонија, дури и во многу по тешки историјски околности од овие актуелните. Потребно ли е да подсетувам на Бејрут и на Белфаст и на ужасите што можат да ги предизвикаат меѓуверските недоразбирања. И, на крајот, да ли е потребно да потсетам дека проблемот во  Бутел има јасна политичка позадина и дека на крајот може да предизвика само зло.

Една паметна власт, една власт што се грижи за среќата и мирот на своите граѓани, убеден сум дека многу едноставно ќе го решеше овој проблем. До крстот, во истото паркче ќе  подигнеше и едно минаре од педесет метри за да служат како симболи на хармонија и соживот. Или, едноставно, паркчето ќе го покриеше со цвеќе. Друго чаре нема, пријатели. Третата опција  не сакате да ја слушнете. Се молам на Севишниот Алах да не упати сите во вистинскиот правец.

Инаку, Шеријатот во лаички држави не се воспоставува, тој е закон во исламските држави и многу е праведен. Значи, пуштете го човечето да зборува, а вие не плашете се од Шеријатот пријатели, не бегајте. Македонија е лаичка држава, ниту православна, ниту исламска.

 

 

Поврзани новости