По објавата во „Фокус” Елена од Неготино си ја пронајде мајката: Ми се јави и ми рече, моја си!

by fokus

По десет години исполнети со неизвесност и немири, Елена Стоилковска, млада жена од Битола, која што денес живее и работи во Словенија, вели дека конечно си го пронашла мирот. По макотрпната потрага по своите корени, односно по биолошкото семејство, таа конечно успеала да ја пронајде својата мајка, но и сестрите и браќата.

Младата жена пред два месеци за „Фокус” ја раскажа својата животна приказна, во надеж дека некој од читателите ќе се препознае, или пак ќе знае нешто повеќе за нејзиното потекло. Денес, пресреќна раскажува дека токму приказната објавена во нашиот медиум и помогнала да си го пронајде семејството.

-Десет години живеев со секојдневни прашања без одговори, очајно трагајќи по вистината. Дознав дека сум посвоено дете на свои 12 години, имав убав живот со родителите од Битола кои ме посвоија, а за мене единствено знаев дека сум била родена во Неготино на 12-ти февруари 1982 година. Името кое ми го дале веднаш по раѓањето било Зорица… Пред десет години решив да ја започнам мојата потрага по вистината, да си го дознаам потеклото, да најдам одговори на сите прашања кои што ме мачеа со години. Наидов на многу препреки, на многу погрешни луѓе… Сето тоа е навистина тешко. Кога во месец септември „Фокус” ја објави мојата приказна, клопчето започна да се одмотува. Веста очигледно стигна до вистинската адреса, сепак, Неготино е мало место, сите се познаваат, се сеќаваат на многу случки…

Благодарение на тоа што се објави мојата исповед, јас успеав да си го најдам потеклото, корените, си го најдов мирот. Ми се јави мајка ми, веднаш ми рече, моја си. Дознав дека имам две сестри и двајца браќа, со едната сестра и едниот брат веќе се слушнавме, во контакт сме, ме прифатија. Многу е рано да прогнозирам било што, сепак јас сум во Словенија веќе 12 години, но ова што се случи ми донесе неверојатна среќа и смирување. Мајка ми сака да се сретнеме, и здравје на лето ќе дојдам во Македонија – раскажува Елена, се уште возбудена поради случувањата.

Вели дека е свесна како е голем бројот на деца во Македонија кои што трагаат по своето биолошко потекло и како често наидуваат на затворени врати. Мора да живеат со неодговорени прашања, во неизвеснот, како да им недостасува еден дел од нив. На сите им ја упатува пораката никогаш да не се откажуваат од својата потрага, бидејќи имаат право да ја знаат вистината за себе.

-Се надевам дека ќе им донесам надеж на многумина кои се наоѓаат во слична состојба. Дефинитивно, треба јавно да се зборува за овие проблеми. Треба јавно, без срам, без предрасуди да се бара вистината. Сепак, Македонија е мала, во помалите градови сите се познаваат, некои работи едноставно не можат вечно да се кријат. Биолошките родители не треба да се осудуваат, а пак посвоените деца имаат апсолутно право да ја знаат вистината. Среќна сум што мојата потрага заврши, им посакувам на сите останати кои трагаат по своето потекло да го имаат истиот успех – порача Стоилковска.

Стотици деца во земјава кои што дознале дека се посвоени, си ги бараат корените и живеат со неодговорени прашања за своето потекло.

Зошто биле оставени на посвојување, дали имаат сестри и браќа, дали во нивното биолошко семејство постојат некои наследни болести, стравот од инцест и многу други нешта ги измачуваат секојдневно. Во последниве години, формирани се повеќе интернет групи кои ја олеснуваат потрагата на овие деца. Во групите, исто така членуваат и родители кои се во потрага по своите деца, кои по раѓање ги дале на посвојување.

Кај нас, според закон, податоците за заснованите посвојувања се службена тајна. Од Првата детска амбасада Меѓаши во повеќе наврати потенцираат дека децата треба да си ги знаат своите биолошки родители и дека тоа не треба да биде службена тајна.

Вики Клинчарова

Поврзани новости