По објавата на „Фокус“, екипи на Водовод на терен да и помогнат на мајката на момчето кое загина во пожар позади „Рамстор“

by Fokus

По објавата на „Фокус“ дека мајката на момчето кое загина во пожарот позади „Рамстор“, Снежана Крстевска бара помош бидејќи две години живее без вода и во барака пред распаѓање, експресно се јавија од „Водовод и канализација“, од каде што  испратија екипи на терен со цел да се реши проблемот и да и се помогне на жената.

Тие во изјава за „Фокус“ објаснија како настанал проблемот и зошто жената подолг период нема вода.

„Во текот на денешниот ден екипи на ЈП Водовод и канализација – Скопје излегоа на терен со цел да се утврди точната причина за прекинот на водоснабдувањето, а со тоа да му помогне на семејството на Мартин Сиљанов, кој загина во пожарот што изби во сервис за мопеди позади “Рамстор”. Од состојбата која ја утврдија нашите екипи би сакале да истакнеме дека настанат е дефект на приклучната цевка која поминува под бараките и прави штета кај соседот. Водата е исклучена самоиницијативно со што странката останала без вода – се наведува во испратеното соопштение до „Фокус“.

Од таму додаваат дека со цел да обезбедат редовно водоснабдување, ЈП Водовод и канализација – Скопје ќе изградат нова водоводна линија од 50 метри на сопствен трошок, со што ќе се овозможи преврзување на приклучокот за вода од старата на новата мрежа односно ќе се изврши поврзување на објектот на странката на новата мрежа со која ќе добие редовно водоснабдување.

„Исто така, од страна на претпријатието ќе се поднесе иницијатива до У.О. на ЈП Водовод и канализација Скопје ова семејство да биде сместено во категоријата која ги опфаќа лицата кои се приматели на постојана парична помош кои пак се ослободени од 10 м3 во текот на месецот. Општината Гази Баба исто така ќе се вклучи и ќе помогне со еднократна парична помош за семејството, а во целиот процес ќе се вклучи и Министерството за Труд и Социјална Политика. Покрај овие акции, се бараат хумани луѓе кои на кои на каков било начин можат да му помогнат на семејството. СЕКОЈА ДОНАЦИЈА Е ВАЖНА! – апелираат од јавното претпријатие.

„Фокус вчера објави дека 25-годишниот Мартин Сиљанов, кој загина во пожарот што изби во сервис за мопеди позади трговскиот центар „Рамстор“, зад себе остави мајка која е инвалид и која живее во трошна барака пред распаѓање. Нејзиниот живот го следат трагедии уште од рана возраст. Како дете била прегазена од војнички камион во Скопје, по што останала инвалид. На 28-декември го загуби својот син Мартин, по што останува да живее во барака во скопската населба Ченто, со својот друг син, но со ограничени примања.

Сите хумани луѓе кои сакаат да помогнат и да донираат за Крстевска тоа може да го направат на следната сметка 210501681140029.

Поврзани новости