Освен екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, кој остана без обезбедувањето од МВР, без телохранители од неодамна е и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, дознава „Фокус“.
По завршувањето на мандатот на Тодоров му беше доделено обезбедување од МВР, и тоа непосредно откако дедото на малата Тамара, Љупчо Стојановски, пукаше во него. Екс министерот во придружба на телохранителите дoаѓаше и на судските рочишта на кои му се судеше на Стојановски, но како што дознаваме, од неодамна ја изгубил привелигијата да добива обезбедување на државна сметка.
Поранешните функционери оваа привилегија ја добија во 2016 година кога беше направена измена на „Уредбата за личности и објекти што се обезбедуваат“. Со измената, екс функционерите наместо да имаат обезбедување „најмногу до една година“ по завршување на функцијата, добија можност да имаат телохранители на државна сметка „додека трае опасноста“ по нивните животи.
До неодамна грбот на Мијалков му го чуваа шестмина телохранители, но оваа привилегија ја изгуби на почетокот на месецот.
Поранешната министерка Гордана Јакулоска, пак, имала обезбедување до 2016 година, бидејќи проценките на МВР биле дека повеќе нема ризик по нејзината безбедност.