Огромни штети од невремето во Муртино, Сачево и Дабиле

by fokus

Комисијата за проценка на штетите на Општина Струмица процени дека невремето од 7 јули годинава, што ги зафати атарите на населените места Муртино, Сачево и Дабиле, предизвика штета од 34 милиони и 397.748 денари и притоа се зафатени 102,6 хектари обработливи површини, информираше денес на прес-конференција Ацо Ѓоргиев, претседател на комисијата.

Според него, поднесени се вкупно 358 барања за утврдување на проценка на штета. Од нив 244 се од населеното место Муртино, 61 од Сачево  44 од Дабиле и 9 од останатите  населени места во општина Струмица.

-Најмногу штети се предизвикани на земјоделските посеви засадени со индустриска пиперка на отворено 54.8 хектари како и засадена во фолии на 7.3 хектари при што има и уништено пластеници од силниот ветер. Оштетени посеви со пченка на  13.1  хектари, пченица 14,4 хектари, како и штета на посеви со бостан, дињи, зелка на отворено, модар патлиџан, карфиол и други земјоделски култури. Штети имаше и на долгогодишни насади-сливи, круши и лозје, истакна Ѓоргиев.

Извештајот на комисијата треба да до усвои Советот на општина Струмица на наредната седница. Потоа извештајот за штетите се доставува до Републичката комисија за процена на штети, па до Министерството за финансии, односно Владата, која одлучува со колку проценти од проценетата штета ќе биде извршено обештетувањето.

Поврзани новости