Откако санитарните инспектори по извршениот вонреден инспекциски надзор на скопската Клиника за Гинекологија образложија дека не гарантираат за исправноста на филтрите од системот за вентилација на интензивна нега, во операционите и родилните сали, сега клиниката треба да плати околу 300 илјади евра за тој проблем побрзо да биде решен.
Д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ пред неколку недели истакна дека има недостаток во системот за вентилација на интензивна нега и постинтензивна нега, во родилните и операционите сали, а од Службата за општи и заеднички работи на клиниките, кои вршат сервисирање на филтрите на системот за вентилација не добиле ниту спецификации ниту динамика кога последен пат се заменети филтрите на оваа клиника.
Според документите со кои располага „Фокус“, на клиниката веќе е започнат процесот да се постават нови филтри за вентилација, со тоа што е направена техничка експертиза и во извештајот од таа експертиза се наброени 13 работи кои треба да се набават за нормално да функционира системот за вентилација како клима комори, цевна инсталација во машинска сала, реконструкција и надградба на систем од постоечки клима комори, надградба на систем за автоматско управување и мониторинг, кои чинат од 10 до 50.000 евра секој од нив, со што кога на крај ќе се направи вкупната пресметка се доаѓа до сума од околу 300 илјади евра.
Оттука се поставува прашањето како досега Клиниката функционирала со неисправни филтри, кои според нашите извори се и една од причините за појавата на интрахосипталните инфекции и бактеријата легионела.
Директорката на Клиниката за Гинекологија, Викторија Јовановска ги потврдува информациите на „Фокус“, додавајќи дека сега мора да платат околу 300 илјади евра за нешто што требало да биде направено уште во првиот момент кога се отворила новата зграда.
– Страшно е колку тие неисправни филтри од системот за вентилација направија штета на здравјето и на пациентите и на вработените – тврди Јовановска.
Но, сепак ова ништо не изненадува, само ако се вратиме неколку години наназад, односно во периодот кога свечено во употреба беше пуштена новата зграда на Клиниката за Гинекологија. Таа беше отворена само на неколку денови пред предвремените парламентарни избори на 5 јуни, 2011 година со цел државниот врв од ВМРО-ДПМНЕ предизборно да се сликаат за да добијат повеќе гласови.
Во тој период зградата беше пуштена без технички прием, а и после шест години оттогаш таа е во истата состојба, дури и уште полоша, што покажа и последниот извештај на санитарните инспектори.
Ирена Мулачка