Планот бил „францускиот предлог“ да помине преку блиц-криг операција, смета ВМРО-ДПМНЕ

by Фокус

Министерот Бујар Османи и вицепремиерот Бојан Маричиќ да образложат што точно подразбираат под хибриден напад во државата, бара ВМРО-ДПМНЕ.

„Доколку навистина имало напад врз државата, мора да има одговорност, бидејќи не било спречено на време и државата била нападната. Додека на Димитар Ковачевски за тоталниот неуспех во преговорите и неуспехот во распродажбата на државните интереси му се виновни експертите и граѓаните, на Бујар Османи и Бојан Маричиќ им е виновен хибридниот напад врз државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата обвини дека Османи и Маричиќ го преговарале и договарале повеќе од 6 месеци францускиот предлог, кој на крај и го прифатиле, за подоцна да се повлечат после притисокот на ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните.

„Целиот план на Ковачевски, Османи и Маричиќ им бил преку блиц криг предлогот веднаш да помине во бугарското Собрание, што е одолговлечено поради оставката на бугарската Влада, а потоа и блиц криг операција за поминување на овој предлог во Македонија, преку креирање на еуфорија за почеток на преговорите. Одговорност за овој целосен дебакл во процесот за преговори со ЕУ мора да има за Бујар Османи и Бојан Маричиќ, одговорност и оставки за оваа трајна штета во преговарачкиот процес. Изборите се единственото решение“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости