Планинарот Дејановиќ со нов предизвик: Зимско искачување на смртоносниот врв „К2“

by fokus

Единствениот планинар кој ги има искачено врвовите Монт Еверест, К2 и Анапурна 1, Здравко Дејановиќ, се подготвува за уште еден невозможен зафат, кој се уште никој го нема направено во светски рамки.

Дејановиќ има во план повторно да се искачи на врвот К2, но овојпат во зимски услови.

„За мене, а и за многумина други, зимското искачување на К2 е „светиот грал“ на хималаизмот, нешто што досега на никого не му успеало. Со тоа се затвора хималајската книга. Досега имало шест, седум обиди во зима да се искачи К2 и сите завршиле неуспешно. Годинава имаше две експедиции на К2, една од Шпанија и една мешана, руско-казахстанска, која стигна најдалеку досега, до 6.700 метри. Шпанците таму беа над 60 дена, според мене непотребно долго, имаа најдобри шерпаси, но не успеаја. Температурата во зима е многу ниска, минус 30-40 степени, тоа е најголемиот проблем, тоа исцрпува најмногу. Затоа целата „операција“ би требало да трае што е можно пократко, најмногу до 30 дена. Полјаците прават сериозни планови за зимско искачување на К2, во декември, тоа би требало да биде мешана, интернационална екипа. Јас сум во контакт со нив, до крајот на летото би требало да се знаат повеќе детали дали и како би се реализирала. За очекување е таа екипа да брои најмалку 15 луѓе, секој од нив треба да си го одработи својот дел од работата, потребни се силно мотивирани и искусни луѓе, по можност луѓе што претходно се искачувале во летни услови. Тоа го кажувам од лично искуство, знам каде демнат најголемите опасности, целата патека ми е во главата, меморирана. Таму нема аклиматизација поради екстремно ниските температури во зима, па затоа треба да се проба да се стигне до врвот за што е можно пократко време, јасно, ако дозволат временските услови“, вели Дејановиќ за „Нова Македонија“.

Врвот К2 се смета за еден од најтешките за искачување, но исто така спаѓа и меѓу најсмртоносните, заедно со Анапурна 1. Во јуни 2000 година, само 189 лица се имаат искачено на К2, наспроти 1500 лица кои го имаа искачено Монт Еверест на истиот датум. Дури 49 лица загинале на стрмнините на К2, од кои 13 само во 1986 година.

Поврзани новости