Избирачкиот список не е прочистен, алармира Центарот за слобода – ЦИВИЛ, во својот периодичен извештај од набљудувањето на изборниот процес. Во мали селца има индиции дека дури третина од запишаните на списокот се фантоми, покажуваат Истражувањата на ЦИВИЛ.
Посебно интересен е случајот на жител на населба Топанско Поле кој се обратил до Центарот, откако случајно, додека плаќал сметки во УЈП, пронашол „фантом” со свој идентитет.
Човекот којшто никогаш не ја сменил адресата на живеење, открил дека со неговите генералии и со неговиот единствен матичен број, постои уште едно лице, негов „фантом“ кој живее на друга адреса, во друга населба во Скопје.
Покрај ова, ЦИВИЛ пишува и дека во ресенското село Долно Перово, кое има околу 200 жители, запишани во Избирачкиот список, дури 60тина биле фантоми.
Жители на Долно Перово посочуваат имиња и презимиња на гласачи запишани во списокот, кои воопшто не живеат во селото, ниту, како што велат, некогаш живееле таму. Според перовчани, меѓу нив има и жители од Мала Преспа, кои се евидентирани како гласачи во овој список.
Од Центарот за слобода за овие случаи веќе се обратиле до Државната изборна комисија и побарале објаснување, но засега не добиле одговор.